Долгогодишниот раководител на Меѓународното графичко триенале во Битола, Владо Ѓорески-Рафик, вели дека е разочаран од состојбата во која се наоѓа Триеналето кое Битола со години ја ставаше на мапата на најзначајните центри на графиката во светот. Денеска во Битола беше промовирана монографијата „30 години Меѓународно графичко триенале“, со која се одбележа и 10. издание на манифестацијата.
Ѓорески- Рафик во книгата со голема разочараност вели дека тоа тоа се ноаѓа на голема крстосница, пред едно големо збогување и разделба.
„Збогувањето е веќе познато, Триеналето ќе биде сè повеќе илегално, скриено, тивко шепотење наспроти големата и непрекината врева на светот што некој друг така дрско и лажливо ја создава. Триеналето ќе биде сè подалеку од лажниот елитизам, преку кој богатите се обидуваат да си играат со уметноста како со нешто сосема непотребно кое сепак ако сакаат може да носи заработувачка според нивната определбва кој ‘уметник’ ќе го одберат за дневна жртва и краткотрајна лажна слава“, пишува Ѓорески во книгата.
На промоцијата на монографијата тој рече дека ова не е јубилеј, туку еден пресек на суштинските ситуации во цивилизациско и светско ниво во овие 30 години. Битолското триенале за цело ова време стигна до учество на 160 држави, што е исклучителен ратритет во светски рамки и во својот трезор има околу 5.000 автори од целиот свет. Уште од третото издание уметниците го вбројуваат во десетте најзначајни културни манифестации во светот.
„Но, да бидам искрен, светот многу подобро го знае Триеналето, подобро го цени, тоа не е теорија, туку писмата што ги добивам од уметниците се вистина фасцинантни, најпозитивни. Светот повеќе го знае Триеналето отколку ние. Кој е виновен? Сите. Повеќе елементи, цел ансамбл на протерување на одредени состојби кои овој град ги имал, ги негувал, но сега не се баш присутни“, одговори Ѓорески на прашањето колку домашната публика е заинтересирана за оваа манифестација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА