ГРЧКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ЗАД СТОГОВИТЕ СЕНО“ ОСВОИ 10 НАГРАДИ НА ФИЛМСКАТА АКАДЕМИЈА ВО ГРЦИЈА

    ГРЧКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ЗАД СТОГОВИТЕ СЕНО“ ОСВОИ 10 НАГРАДИ НА ФИЛМСКАТА АКАДЕМИЈА ВО ГРЦИЈАМакедонските копродуцењнти Владимир Анастасов (прв од лево) и Ангела Несторовска (прва од десно) со режисерката (во средина) во Атина. (Фото: Агенција за филм)

    Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија, сооопшти Агенцијата за филм на Македонија. Наградите беа доделени на 27 јуни во Атина. Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

    Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.

    Наградите на Грчката филмска академија 2023 или Грчките Ирис награди (Hellenic Iris Awards) се збир на награди кои секоја година ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.

    Премиерата на филмот беше на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа, Индија.

    Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021, во време на ковид пандемијата. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд Еуримаж.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира