ХОЛАНДСКА ФОТО ИЗЛОЖБА ЗА НЕСТЕРЕОТИПНА СЕКСУАЛНОСТ ВО МАЛА СТАНИЦА

    ХОЛАНДСКА ФОТО ИЗЛОЖБА ЗА НЕСТЕРЕОТИПНА СЕКСУАЛНОСТ ВО МАЛА СТАНИЦАФотографии од победникот во категоријата „Отвореност“ - Роуен Рене од САД што ќе бидат изложени во галеријата Мала станица во Скопје

    Победничките фотографии од меѓународниот фотографски конкурс „Награда за прајд фотографија“ (Pride photo award) 2016 на година, вечерва (20 часот) ќе бидат изложени во Националната галерија – Мала станица во Скопје.

    Фокусот на конкурсот е сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи од светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско.

    Организатор на изложбата во Скопје е Холандската амбасада во Македонија од каде велат дека овој фото конкурс, има за цел да придонесе кон поправичен и инклузивен свет , преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за другиот.

    „Во време кога личните ставови се под силно влијание на визуелната информација, фотографијата нуди моќна и современа алатка за општествени промени. Сликите поседуваат уникатна моќ да едуцираат и информираат бидејќи ги надминуваат јазичните бариери и културните разлики. Преку доделување награди и изложување на фотографии во чиј фокус се прикажани приказни отаде очигледното, ‘ Наградата за прајд фотографија’ го разоткрива она што се обидуваат да го затскријат малигните моќи и медиуми“, велат од амбасадата.

    Изложбата се организира во соработка со холандските амбасади во Тирана и во Приштина и со финансиска поддршка од градот Амстердам, и неколку холандски фондации кои поддржуваат права на сексуална различност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира