ХОЛАНДСКАТА ПОЕТЕСА АНЕКЕ БРАСИНГА ГО ДОБИ ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ХОЛАНДСКАТА ПОЕТЕСА АНЕКЕ БРАСИНГА ГО ДОБИ ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАПоезијата на Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. (Фото: Фолкскрант)

    Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитничка на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2026 година, соопшти директорот Никола Кукунеш на денешната прес-конференција во МАНУ.

    „Голема чест и големо изненадуване е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели Златниот венец за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија и од минатото и од сегашноста. Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик. И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да го посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија. Токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија, а јас уште од детството бев една од тие читатели“, вели Брасинга во изјавата пренесена од СВП.

    Кукунеш рече дека поезијата на Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија.

    „Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик, кажа Кукунеш.

    Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието „Ревизор“ (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во „De Revisor“ – во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса, Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка, за која ја добила наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во „Аурора“ (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката „Имот“ (Landgoed), за која Брасинга ја добила наградата „Херман Гортер“ – поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза „Клешта“ (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ – наградата за литература во 2001 година, поетската збирка „Huisraad“ (1998) со наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка „Видик“ (Verschiet) (2001) и со наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ – награда за поезија 2002.

    Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и шпански јазик.

    Брасинга е родена на 20 август 1948 во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете, Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела низ шумите на Гелдерланд. Од 1967 живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во дивината. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска. Од 1967 до 1972 година, Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година започнала да објавува нејзини преводи. Покрај импресивен број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира