ХОЛИВУДСКИТЕ ЅВЕЗДИ ГО ВРАТИЈА СЈАЈОТ НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ФИЛМОТ НА АПЧЕВСКА ЌЕ ИГРА ЗА ЗЛАТНА ПАЛМА НА 16 ЈУЛИ

    ХОЛИВУДСКИТЕ ЅВЕЗДИ ГО ВРАТИЈА СЈАЈОТ НА КАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ, ФИЛМОТ НА АПЧЕВСКА ЌЕ ИГРА ЗА ЗЛАТНА ПАЛМА НА 16 ЈУЛИОскаровката Џоди Фостер доби Златна палма за животно дело; - На сцена со Педро Алмодовар, Бонг Јон-хо и Спајк Ли. (Фото: АФП)

    Француската ривиера, по две години, си го врати сјајот, со свеченото отворање на Канскиот филмски фестивал, премиерата на „Анет“ на Леос Каракс и  жирито на чело со американскиот режисер Спајк Ли.

    За Златна палма годинава за првпат ќе се трка и македонски филм, краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска. „Северен пол“ е избран меѓу 10-те кандидати за престижната награда од пријавените 3.739 филмови, а проекцијата е закажана на 16 јули.

    Седумдесет и четвртото издание на Фестивалот почна со сиот гламур што можеше да го добие, на чело со фантастичниот мјузикл „Анет“ со Адам Драјвер и Марион Котијар во главните улоги. Отворањето ги врати и лауреатот од 2019, Бонг Јон-хо, режисерот на „Паразит“, како и холивудската ѕвезда Џоди Фостер, годинашна добитничка на почесна Златна палма за животно дело. Таа за првпат дојде во Кан во 1976  како 13-годишно девојче, за премиерата на „Таксист“ на Мартин Скорсезе.

    Екипата на мјузиклот „Анет“ на чело со режисерот Каракс. (Фото: АП)

    Голем број филмски ѕвезди дојдоа на фестивалот, кој лани беше откажан поради ковид пандемијата. На црвениот килим продефилираа и Педро Алмодовар, Хелен Мирен, Џесика Частејн.

    „Одлично е чувството да се излезе надвор“, рече Фостер, а Ли извика „Да живее Франција“.

    Фестивалот ќе трае до 17 јули, а во конкуренција за престижната Златна палма се едни од најголемите современи режисерски имиња. Новите филмови на канската Кроазета ќе ги претстават Пол Верховен, Нани Морети, Вес Андерсон, Бруно Думон, Апичатпонг Верасетакул, Надав Лапид, Франсоа Озон, Асгар Фархади, Жак Одијар, Илдико Енједи, Миа Хансен-Лове, Кирил Серебреников, меѓу вкупно 23 филма во трката за Златната палма.

    Жирито на годинашниот Кански фестивал: Мајлин Фармер, Клебер Мендонка Филјо, Меги Џиленхал, Џесика Хауснер, Мати Диоп, Спајк Ли, Мелани Лоран, Тахар Рахим и Канг-Хо Сонг. (Фото: АП)

    Во паралелната програма Извесен поглед има тројца дебитанти, а единствениот филм на фестивалот од југоисточна Европа е бугарскиот „И жените плачат“ на Мира Милева и Весела Казакова. Во новата програма Кански премиери ќе игра и режисерското деби на актерката Шарлот Гејнзбург.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира