ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ

    ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ„Скандал е што во вакви скапи проекти, кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата, не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници“, рече министерот за култура Асаф Адеми на денешната прес-конференција (Фото: Ѓ. Личовски)

    Скандал во случајот со „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи е што немало ниту еден Албанец во комисијата и во телата што го одобриле снимањето на филмот во кој војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи, рече денес министерот за култура Асаф Адеми. Тој кажа дека повикал повикал инспекциски надзор да ја испита работата на комисиите во Агенцијата за филм кои го одобриле овој филм во 2015.

    Министерот Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија потенцираа дека не го гледале филмот, туку одлуката за осудување на филмот ја донеле врз основа на трејлерот, прочитаното сценарио и режисерската експликација. Министерот неколку пати во говорот го погреши зборот, па наместо трејлер, рече трилер. Обајцата истакнаа дека не станува збор за цензура.

    Премиерата на режисерското деби на Бојаџи беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал.

    Mинистерството за култура и Агенцијата за филм вчера испратија заедничко соопштение во кое беше наведено дека „ги осудуваат решенијата на претходните гарнитури кои финансиски проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните“ и потенцираат дека „такви тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните – финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“.

    „Скандал е што во вакви скапи проекти, кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата, не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници. Според нас, ова не е замислената мултиетничка и мултикултурна Македонија. Иако овој не е првиот филмски проект кој се засновува на омраза кон другиот, бидејќи во минатите години имало филмови со такви содржини, а во меѓувреме може да се појави и некој друг таков филм поддржан во изминатите години и минатиот режим, но за нас е важно да кажеме дека овој ќе биде последниот филм со ваква содржина“, кажа денес Адеми, наведувајќи ги членовите на комисијата, и кажа дека одлуката ја потпишал тогашниот директор на Агенцијата за филм Дарко Башески.

    „Во ниту еден момент не е спорно тоа дали филмските автори треба да имаат заддршка кога станува збор за нивната креација, но мора да се води сметка за етичкиот апсект на пораката и да се биде во чекор со времето“, рече Тозија (Фото: Ѓ. Личовски)

    Адеми рече дека се подготвува нов Закон за култура, во кој ова прашање е регулирано поинаку и „отсега натаму нема да има никаква можност некој со јавни пари да реализира проекти кои се косат со јавниот интерес на граѓаните.

    Тозија инсистираше дека не станува збор за цензура, ниту стоп на авторството на филмаџиите, туку дека едноставно мора да се почитуваат некои етички кодекси.

    „Во ниту еден момент не е спорно тоа дали филмските автори треба да имаат задршка кога станува збор за нивната креација, но мора да се води сметка за етичкиот аспект на пораката и да се биде во чекор со времето“, рече Тозија.

    Адеми кажа дека врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност, донел решение за спроведување на инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа на законот за филм.

    „По примерот на европската регулатива ќе биде воведен и дополнителен увид во снимените проекти преку механизам на колаудација, односно, пред нивната дистрибуција ќе бидат погледнати од потписниците што дале зелено светло на сценаријата“, рече Тозија.

    Режисерот Бојаџи, кој е во Монтреал за фестивалската премиера на филмот, денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Министерствот за култура повикува на насилство и терор врз него како уметник и насилство и терор врз неговиот филм како уметност и осудата ја нарече „ е вовед во фашизам во Македонија“.

    Според режисерот Бојаџи, во неговото долгометражно режисерско деби се испреплетуваат четири приказни, работен е според вистински настани од блиската историја, едната е битката на Радуша и киднапирањето и малтретирањето на мавровските работници за време на воениот конфликт 2001, како и убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка.

    Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 со 18.000.000 денари (над 290.000 евра), под работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира