ИГОР КИРОВ УТРЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА БАЛЕТОТ „БАНОВИЌ СТРАХИЊА“ ВО БЕОГРАДСКО НАРОДНО ПОЗОРИШТЕ

    ИГОР КИРОВ УТРЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА БАЛЕТОТ „БАНОВИЌ СТРАХИЊА“ ВО БЕОГРАДСКО НАРОДНО ПОЗОРИШТЕКиров (втор од горе десно) со екипата од Београдско народно позориште на почетокот на пробите. (Фото: БНП)

    Македонскиот кореограф Игор Киров кој со децении работи за европски танцови компании и театарски куќи, утре има премиера на балетот „Бановиќ Страхиња“ во Београдско народно позориште.

    Киров пред неколку години беше и уметнички директор во Хрватско народно казалиште во Сплит, каде го постави балетот „Дервишот и смртта“.

    Сега во Белград го постави балетот според истоимената српска епска народна песна. Музиката е на композиторот Иван Илиќ, драматург е Ѓорѓе Косиќ, а насловната улога ја игра Лев Семенов.

    Народната песна „Бановиќ Страхиња“ отсекогаш ги инспирирала уметниците. Во 1981 е снимен истоимен филм во режија на Ватрослав Мимица, а во истиот период бил поставен и балет во кореографија на примабалерината Лидија Пилипенко.

    Со утрешната премиера на Киров, се затвора одбележувањето на еден век постоење на Балетот во Белград.

    Во интервју за српскиот весник „Политика“, Киров вели дека му било важно неговата кореографска идеја да биде добро формирана и вклопена со музиката, затоа што секое движење носи емоција и секој чекор ја следи неговата идеја и содржината на песната.

    „Во неа се опишани големи, општи човечки теми, со кои можете да се соочите без разлика каде и во кое време живеете. Балетот ‘Бановиќ Страхиња’ е придонес на нашата регионална култура, ја затвора прославата еден век постоење на српскиот балет и има многу пошироко значење од обична балетска приказна“, вели Киров.

    Кореографот рече дека движењата се модерни, и дека со драматургот Косиќ заедно барале најдобро решение како одредени сцени, како бакнеж, борба или средба да се прикажат во движења со големи емоции, но на нов и модерен начин.

    „Ансамблот го знам од претходно, танчарите го знаат мојот начин на работа, јас настојував да ги мотивирам да го дадат максимумот. Сакав да направам кореографија со која ќе раскажам приказна лесна за разбирање, дури и за оние кои не ја знаат целата содржина. Тоа го постигнав. Мислам дека имаме претстава која може да остане со години на репертоар“, вели Киров во интервјуто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира