Преку изложбата фотографии на Живко Јаневски гледаме познати историски случувања во јавниот живот, познати историски личности, странци кои доаѓаат во Македонија, сцени од секојдневниот живот. Ова е можеби она што е најзначајно и што нѐ навраќа нас во периодот пред 30 и повеќе години, рече историчарот на уметност Валентино Димитровски на отворањето на изложбата „Точки на интерес“. Во овие фотографски записи снимени од средината на 1989 до 1994, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени.
Станува збор за изложба со 110 дигитално испечатени фотографии од големо значење за поновата македонска историја, бидејќи фотографиите на Јаневски, фоторепортер и дојаен на македонската фотографија, се архивски сведоци на првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани.
Јаневски почина на 15 март 2000 година во Скопје, како уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија“.
Изложбата е отворена во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје, но е истражувачки проект на Музејот на Град Скопје. Кустосот од Музејот, Станко Неделковски, случајно пронашол жолти коверти со филмски негативи и сфатил дека целокупниот материјал е од Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија“.
„Истражувањето насловено ‘Меморијата на Живко Јаневски’ се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник ‘Нова Македонија’ и другите изданија на издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Истражувањето во големиот материјал (285 црно бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. По извршениот преглед водени од естетските вредности на авторот се направи концепција и избор за изложба, се дигитализираа и обработија негативите за печатење“, вели Неделковски.
Во овие фотографски записи снимени во почеток на 1990-те години, односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите општествени промени. (Фото: К. Попов)
„Од опусот што овде ни е презентиран, Станко Неделковски одбрал повеќе клучни моменти, повеќе епизоди од случувања коишто биле во овој период од пет години. Гледаме различни жанровски црти, познати периоди главно од нам познати историски случувања во јавниот живот. Живко Јаневски беше автор којшто своето уметничко кредо го формираше во крајот на 1950-те, во 1960-те станува доминанта фигура во уметничката фотографија и многу значаен автор на југословенската сцена и тоа искуство го следеше до крајот на неговата професионална кариера. Тој остана да создава, да кадрира, да продуцира фотографии во тој манир кој што тука може многу лесно да се утврди иако не целосно како што во неговата индивидуална, уметничка фотографија којашто тој паралелно ја негувал со своите работни обврски како фоторепортер“, кажа Димитровски.
На отворањето на 1 декември имаше огромен број публика, и токму затоа и Неделковски вели оти е многу задоволен кога Музејот на Град Скопје прави изложба како во времињата кога се создадени овие фотографии.
„Благодарност до КИЦ што ни ги отвори вратите. Овие 110 фотографии ќе останат засекогаш во Музејот на Град Скопје, ќе зборуваат за едно време и ќе имаме сочувани фотографии од некое изгубено време“, вели Неделковски.
Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал.
Изложбата ќе биде отворена до 14 декември, понеделник-петок од 10-20 и сабота од 10-14 часот.
Б. НЕСТОРОСКА