ИВАН ПОПОВСКИ ПО 8 ГОДИНИ ЌЕ РЕЖИРА ВО МАКЕДОНИЈА, СИНИША ЕВТИМОВ СО ТЕАТАРСКА ВЕРЗИЈА НА ХИТ-СЕРИЈАТА „АЛО, АЛО“

    ИВАН ПОПОВСКИ ПО 8 ГОДИНИ ЌЕ РЕЖИРА ВО МАКЕДОНИЈА, СИНИША ЕВТИМОВ СО ТЕАТАРСКА ВЕРЗИЈА НА ХИТ-СЕРИЈАТА „АЛО, АЛО“Министерката Костадиновска-Стојчевска кажа дека буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра. (Фото: Влада на РСМ)

    Со одобрени 2,8 милиони денари (45 илјади евра), операта „Набуко“’ на Националната опера и балет (НОБ) е најскапиот проект во музичко-сценската дејност од националните установи, а со по 2 милиона денари (32.360 евра) „Иванов“ и „Едвард Втори“ се најскапите претстави во драмската област поддржани од Министерството за култура за 2023. После осум години, во Македонија ќе работи режисерот Иван Поповски, кој над 2 децении е наградуван и признат режисер во Русија. Последната претстава на Поповски беше во Македонскиот народен театар (МНТ), „Мајсторот и Маргарита“ во 2015.  Театарска верзија на хит-серијата „Ало, ало“ ќе постави Синиша Евтимов.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги објави резултатите од Конкурсот за годишната програма во културата за 2023. Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.

    Во НОБ годинава ќе има и премиера на балетската претстава „Молитви на моето тело“ во чест на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, која е поддржана со 1,2 милиони денари (19. 500 евра).

    Филхармонијата ќе добие 9 милиони денари (околу 150 илјади евра) за реализирање на симфониски концерти, како и 500 илјади денари (8 илјади евра) за концерти а деца и 1 милион денари (16 илјади евра) за камерни концерти.

    Во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе режираат Зоја Бузалковска со „Иванов“ (поддржана со 2 милиона денари или 32.360 евра) и Нела Витошевиќ со „Животот на другите“, (поддржана со 1,4 милиони денари или 22.600 евра).

    Во Драмски театар ќе има 4 премиери, на Димче Николовски (800 илјади денари или 13 илјади евра), Нела Витошевиќ (1 милион денари или 16 илјади евра), Дејан Пројковски (900 илјади денари или 14.500 илјади евра) и Андреј Цветановски (700 илјади денари или 11.300 евра).

    Во Албанскиот театар сите 4 претстави се поддржани со по 875 илјади денари (14 илјади евра), меѓу кои и „Таткото“ во режија на Иван Поповски.

    Во Театар Комедија ќе работат Синиша Евтимов (14.500 евра), Јане Спасиќ (9.700 евра)и Срѓан Јаниќијевиќ (11.300 евра), а во Театарот за деца и младинци Кокан Младеновиќ (22.953 евра) и Јане Спасиќ (6.470 евра).

    Најскапата претстава во Велешкиот театар е „Едвард Втори“ на Украинецот Андриј Жолдак, со 2 милиони денари (32.360 евра), а Љупчо Георгиевски ќе ја постави „Лепа Ангелина“ (700 илјади денари или 11.300 евра).

    Во музичко-сценската дејност, во делот на музички манифестации и фестивали, најголема поддршка доби Скопскиот џез фестивал, 3.800 илјади денари (61.488 евра). Оваа сума е помала од лани, кога добија 4.100.000 денари (66.000 евра).

    Аплицирањето за Годишните конкурси за финансирање проекти, како што рече министерката за култура, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.

    „Во електронскиот систем се евидентирани 3.355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира