ИЗГУБЕНИОТ РАЈ

(Кон „Приказната за Силјан“, документарец на Тамара Котевска)

    ИЗГУБЕНИОТ РАЈНикола Цонев од Чешиново е протагонистот во „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска. (Фото: Продукција на филмот)

    Штрковите се мојата прва меморија од детството во Овчеполието, тоа е првата птица што ја препознавав. Во главата ми е истата слика, сурија деца трча по штркови во лет и вика: „штрк, штрк, балабан, полна торба шарлаган!“, (децении подоцна разбрав дека шарлаган е густо растително масло, а балабан е „висок, крупен човек“). Народната приказна за Силјан Штркот, една од првите што сум ја прочитала, како дете ме ужаснуваше – не сфаќав како може родител да си го проколне детето?

    Овие длабоки вирови носталгија ги разбранува „Приказната за Силјан“, третиот документарец на Тамара Котевска, со импресивни и одблизу снимени слики за животот на штрковите во овчеполското Чешиново каде живее наголемата колонија на овие птици преселници.

    Штрковите се главниот лик во филмот, во чиј поттекст е опстојувањето на живиот свет во современите општествено-климатски услови кои драматично се менуваат, но не на добро. Со нив се испреплетува и приказната на земјоделецот Никола Цонев и неговото семејство, вредни, работливи луѓе чија селска идила ќе се скрши кога ќе нема откуп на богатиот род, поради што ќе се скрши и семејството. Синот, снаата и внуката на Никола ќе заминат на печалба во Германија, а кај нив за да им помага со детето ќе замине и неговата сопруга. Никола ќе остане сам, напуштен, разочаран, и лут ќе реши да ја продаде земјата, ќе се вработи на локалната депонија и тогаш почнува вистинската драма. Меѓу штрковите што колват мрши низ апокалиптичната депонија е и еден со скршено крило, Никола ќе го прибере, ќе го чува и пази како свое дете, а таа грижа ќе го исцели и него и ќе го врати на нивите.

    Котевска, која негува искрен интерес за современата човекова состојба и состојбата на живиот свет, гради визуелни и симболички паралели користејќи ги штрковите како алатка за раскажување на приказната за изгубениот рај – прогонството, талкањето, премрежињата и повторното враќање на родната грутка, всушност на себеси. Снимките од животот на штрковите, свивањето гнездо, несењето, испилувањето и хранењето на малите, нивниот прв лет, се комплементарни со оние на идиличниот живот на Никола на нивите, нежностите со сопругата, радоста од родот и породот, од градењето на новиот спрат на куќата за синот… Но кога ќе снема храна, и штрковите и луѓето завршуваат на депонија и самите како суви – и физички и духовни – мрши.

    Како вистински посветени документаристи, Котевска со талентираниот кинематографер Жан Дакар го документираат животот и преживувањето на штрковите со ретко трпение и детаљ, од гнездата, преку летот, до шокантната депонија, откривајќи цел еден непознат, возбудлив свет. Музиката на Џо Вислон Дејвис и Хунок Парк фино рифува на штракањето на клуновите на штрковите, иако на моменти е пренагласена и ја зашеќерува приказната.

    Но, документарната приказна за животот на човекот има еден проблем, а тоа е прелинеарната нарација, која напати личи наместено. Впечаток е дека со послободна наративна форма филмот ќе бил повозбудлив. Можеби таа нагласена хибридност е последица на безмалку активистичиот порив на Котевска да критикува и да нè соочи со горлив проблем на опстојувањето, а можеби и поради тоа што таа сè уште зрее како авторка па уште го калибрира рафинманот во изразот.

    „Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венециски фестивал 2025 во документарната програма вон конкуренцијата за награди. Освои неколку значајни документарни награди во САД каде има и кинодистрибуција, по свечената премиера во Скопје на 4 јануари, од 15 јануари ќе игра во скопското кино Синеплекс и низ Македонија, а од 8 јануари игра на стриминг платформите на „Нешнл џиографик“, „Дизни плус“ и „Хулу“.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира