ИЗЛОЖБА „БОИТЕ НА СЛОБОДАТА“ СО ДЕЛА ОД ЗБИРКАТА НА МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА

    ИЗЛОЖБА „БОИТЕ НА СЛОБОДАТА“ СО ДЕЛА ОД ЗБИРКАТА НА МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈАПоставката содржи бројни историски предмети и документи, како и уметнички дела од Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ-Пемкин, Василије Поповиќ-Цицо и Јордан Грабуловски. (Фото: Музеј на Македонија)

    Изложбата „Боите на слободата“, избор од колекцијата на Музејот на Македонија,ќе се отвори утре во 12 часот во историскиот музејски дел. Поставката содржи бројни историски предмети и документи, како и уметнички дела од Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ-Пемкин, Василије Поповиќ-Цицо и Јордан Грабуловски.

    „Изложбата претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, стремежот кон слобода и процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет. Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па сè до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност. Посебно место имаат делата на повеќе генерации македонски творци – писатели, сликари, скулптори, актери, композитори и режисери – кои преку својот автентичен творечки ракопис оставиле траен белег во македонската културна меморија. ‘Боите на слободата’ ги поврзува трите симболични Илиндени – Илинден 1903, АСНОМ 1944 и 8 Септември 1991 – како три историски точки што ја одбележуваат борбата за слобода, државност и идентитет. Ова не е само изложба за историјата. Таа е сведоштво за тоа како уметноста ја памети, толкува и продолжува историјата“, се вели во кураторскоиопт текст.

    Изложбата ја подготвија кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни лица од Музејот, а ќе ја отвори директорот Александар Ристевски заедно со дел од кураторскиот тим. Ќе трае два месеца, период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира