ИЗЛОЖБАТА НА АКАДЕМИК ТАШКОВСКИ ПРОДОЛЖЕНА ДО 15 ЈАНУАРИ ПОРАДИ ГОЛЕМ ИНТЕРЕС

    ИЗЛОЖБАТА НА АКАДЕМИК ТАШКОВСКИ ПРОДОЛЖЕНА ДО 15 ЈАНУАРИ ПОРАДИ ГОЛЕМ ИНТЕРЕСРаде Силјан, Васко Ташковски, Дита Старова-Ќерими и Паскал Гилевски на промоцијата на луксузната монографија „980 маслени слики“. (Фото: НГСМ)

    До 15 јануари 2022 е продолжена изложбата на уметникот академик Васко Ташковски во Даут пашин амам, вели директорката на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) Дита Старова-Ќерими.

    Изложбата на Ташковски, кој важи за водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, беше отворена на 21 октомври и првично беше најавено дека ќе трае до 12 декември.

    Во издание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и „Матица македонска“ на 7 декември во Даут пашин амам беше промовирана луксузна монографија за него „980 маслени слики“.

    „Изложбата предизвикува огромно внимание кај публиката, поради што и ќе ја продолжиме до 15 јануари. Исто така, во тек е препречатување на каталогот кој го издадовме за оваа изложба со втор тираж, по барање на нашата верна публика“, вели Старова-Ќерими.

    Галеријата е отворена секој ден во неделата, освен понеделник, од вторник до недела, 10 до 18 часот.

    Оваа монографија, посветена на творештвото на нашиот водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот, е издание на МАНУ и „Матица македонска“. (Фото: НГСМ)

    Според повеќето современици, како што вели кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија, придонесот на Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес.

    „За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата ‘Сликари на фантазијата (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали’ / од 1974 година, во издание на ‘Федон’, а по избор на Вилијам Гаунт“, вели кураторката.

    Во бројки, Ташковски има насликано околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, како и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

    Ташковски е роден на 31 август 1937 во Нижополе, Битола. Средно уметничко училиште завршува во Скопје 1958 . Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964. Од 1966 до 1991 работи како сценограф во Македонската телевизија. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, а од 1994 е дописен член во МАНУ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира