Каде одиме, што правиме, како живееме со стереотипите и каде ќе завршиме се прашањата кои кореографката Рисима Рисимкин ги поставува во нејзината нова претстава „Идентитети – историја на еден растегнат сон“. Рисимкин, една од најактивните и најплодни македонски автори, професорка, уметничка директорка на Танц фест Скопје и основач на Скопје танцовиот театар, годинава слави 30 години активно кореографско творештво, а јубилејот го спои со 60-годишниот јубилеј на Охридско лето, во чија селекција беше синоќешната премиера на претставата.
Претставата се изведе во Предворјето на „Св. Софија“, пред околу 80-тина гости, максималниот дозволен број за тој простор согласно протоколите за заштита од ширење на коронавирусот, кои со голем аплауз го поздравија тимот на чело со Рисимкин.
Во претставата учествува танчарска и креативна екипа на Скопје танцовиот театар, Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска и првенката на Националната опера и балет (НОБ) Мими Поп-Алексова-Атанасовска.
Поради мерките за заштита од коронавирусот пет месеци работеле само онлајн, и кога влегле во студио, вели Рисимкин, целата екипа имала извонреден наплив на енергија.
„Решив да работам претстава во која ќе ја обработам темата на универзумот, на планетата. Секој со својата планета и сите заедно со нашата планета. Каде одиме, што правиме, на кој начин. Потоа малку ги фативме стереотипите во кои живееме и само сакав да покажам дека не сме сигурни каде ќе завршиме, ако така продолжиме“, вели Рисимкин за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Таа вели дека имала огромна трема, а секако присутен бил и стравот да не се разболи некој од екипата и да пропадне сиот труд.
„За среќа ништо од тоа не се случи, благодарение на сите мерки кои ги преземавме“, вели таа.
Имале мирен и спокоен процес на работа, без разлика на сите протоколи кои морале да ги запазат.
„Многу ми е драго дека премиерата се случува на Охридски лето, каде во 1996 година се случија почетоците на Недела на модерен балет. Триесет и шеесет години се споија и ми е драго што после 15 години сум на Охридско лето“, вели Рисима.
Ја прашавме што планира за следните 30 години, а таа весело вели: „Дај боже да бидат толку успешни. За иднина се надевам дека ќе успееме да ги освоиме сите светски сцени, како и што почнавме пред да се случи пандемијата на ковид-19“.
Претставата е во нејзина кореографија и режија, на музика на Тони Китановски, костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицковски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.
Б. НЕСТОРОСКА