КАКО ЛИЧНА КАРТА НА ПЕТАР МАЗЕВ Е ЈУБИЛЕЈНАТА ИЗЛОЖБА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ

    КАКО ЛИЧНА КАРТА НА ПЕТАР МАЗЕВ Е ЈУБИЛЕЈНАТА ИЗЛОЖБА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ„Ева и Адам“ на Мазев, масло на платно од 1980, сопственост на Музејот на современа уметност; - изложбата „Петар Мазев - 90 години од раѓањето“ ќе се отвори на 2 ноември во Даут пашин амам (Фото : М. Златевска)

    Ева и Адам “, маслото на платно од 1980 година ги пречекува гостите во Националната галерија на Македонија Даут пашин амам, како слика која е симбол на судирот на страста и љубовта на безвремениот Петар Мазев, ја најавува историчарката на уметност и кураторка Соња Абаџиева изложбата „Петар Мазев – 90 години од раѓањето“, која ќе се отвори на 2 ноември во 20 часот.

    Поставката содржи 70-на дела, работени во различни техника масло на платно и масло на панел, комбинирана техника на платно и и панел. Станува збор за дела помалку познати или речиси непознати за јавноста, дела кои биле малку или воопшто не биле изложувани.

    Тимот кој повеќе од една година со голема посветеност и ентузијазам работеше на поставката „Петар Мазев- 90 години од раѓањето“ – Татјана Бундалевска, Маја Неделкоска-Брзанова, Дита Старова-Ќерими, Соња Абаџиева-Димитрова и Маја Чанкуловска (Фото: М. Златевска)

    Кустоси на изложбата се Маја Неделковска-Брзанова и Татјана Бундалевска, со стручна соработка на Абаџиева, како врвен и посветен познавач на творешвото на Мазев.

    Според Неделкоска-Брзанова, виш кустос во Националната галерија на Македонија (НГМ), изложбата е пресек на неговото творештво, следејќи го неговиот развоен и творечки пат од самите почетоци во 1950-те години па до смртта во 1993.

    Говорејќи за изложбата, Абаџиева денес рече дека маестро Мазев беше сам по себе настан, хепенинг и во животот и во творештвото.

    Изложените дела условно следат еден временски дискурс откривајќи го развојниот пат на Мазев како автор и ликовен гениј (Фото : М. Златевска )

    Јубилејнава изложба, ако внимателно се проследува, претставува всушност една автобиографска прошетка. Поделена е во повеќе сегменти. Од првите сликарски импресии на неговата професорка од Академијата за ликовни уметности во Белград Зора Петровиќ, преку надреализмот, метафизичкиот реализам и кубо футуризмот како последица на трендот на 1960-те години, тишините и контемплациите меѓу белите манастирски ѕидови, преку судирот на смртта и љубовта до светите великодостојници со христијанскиот амблем. До расплакните широки очи исправени пред бездната на незибежниот крај. Вистинска автобиографија“, рече Абаџиева.

    Тимот на Националната галерија, на чело со директорката Дита Старова-Ќерими истакна дека делата застапени на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и Музеј од Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, но и голем број колекционери.

    Голем дел од делата кои биле евидентирани во текот на повеќемесечната работа и истражувања, а не се вклучени во изложбената поставка, се поместени во монографијата од 240 страници.

    На новинарско прашање, дали имаат сознанија за исчезнатата слика од Петар Мазев од Владата на Република Македонија, случај кој беше објавен во јуни, директорката одговори дека засега истрагата е во тек и оти имаат позитивни информации од Министерството за внатрешни работи дека ќе биде вратена.

    Сликата е масло на платно од 1981, и е дел од списокот од 26 дела, сопственост на Националната галерија на Македонија кои на реверс пред 18 години ѝ биле позајмени на Владата.

    Старова-Ќерими додаде оти наскоро ќе отворат продавница за сувенири со мотиви од делата на Мазев. Изложбата ќе трае до средината на јануари 2018, а се планираат и патувачки изложби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира