Црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал заживеа денеска со премиерата на историската драма „Жана де Бари“ со Џони Деп во главната улога, додека француската ривиера се подготвува за доаѓањето на уште големи ѕвезди во следните денови.
Покрај Деп, за кого ова претставува голем камбек по ланското експлозивно судење со бившата сопруга Амбер Хрд, на отворањето на 76. издание на фестивалот се појавија и Бри Ларсон, Ума Турман, Гонг Ли, Ел Фанинг, Катрин Денев и Хелен Мирен.
Мајкл Даглас прошета по црвениот тепих со сопругата Кетрин Зета-Џонс и нивната ќерка Керис во пресрет на добивањето на Златната палма за животно дело.
За главната награда Златна палма ќе одлучува жири предводено од шведскиот режисер и лански победник Рубен Остлунд, а за неа ќе конкурираат 21 филм, меѓу кои и на режисерите Нани Морети, Кен Лоуч и Вим Вендерс. Во Кан ќе бидат премиерите на „Индијана Џонс 5“ и на новите филмови на Мартин Скорсезе и Вес Андерсон, „Убијците на Цветната Месечина“ и „Астероид Сити“.