Светската премиера „Жана де Бари“ на режисерката Мајвен, со Џони Деп во главната улога, ќе го отвори 76. фестивал во Кан. Шестиот филм на режисерката ќе игра на 16 мај, по церемонијата на отворањето, а од истиот ден ќе игра во француските кина, соопшти фестивалот. Филмот е за животот, подемот и падот на миленичката на кралот Луј Петнаесетти, а самата Мајвен го игра истоимениот главен лик заедно со Џони Деп, Бенџамин Лаверне, Мелвил Пупо, Пјер Ришар, Паскал Грегори.
Жана Воберние, млада жена од работничката класа гладна за култура и задоволство, ја користи својата интелигенција и привлечност за да се искачи по општествените скалила. Таа станува миленичка на кралот Луј Петнаесетти кој, несвесен за нејзиниот статус на куртизана, преку неа го враќа својот апетит за живот. Ќе се вљубат лудо и наспроти секоја пристојност и бонтон, Жана ќе се всели во Версај, каде нејзиното доаѓање го скандализира дворот.
Режисерката, сценаристка, актерка и продуцентка Мајвен го режираше својот прв долгометражен филм „Простете“ во 2006. Во 2011 ја освои наградата на жирито на Канскиот фестивал кога првпат беше во конкуренцијата за Златна палма со „Мазно“. Четири години подоцна, беше пак во конкуренцијата со „Мојот крал“, за кој Емануел Берко освои награда за најдобра актерка.
Канскиот фестивал годинава ќе се одржи од 16 до 27 мај.