Добитникот на Златна палма во Кан за 2017 година, „ Квадратот“ на шведскиот автор Рубен Остлунд на 9 ноември во киното „Милениум“ ќе го отвори 16. Фестивал на европски филм Синедејс. По проекцијата на „Квадратот“ , ќе се прикаже новиот филм на Дарен Аронофски, „Мајка!“ со Џенифер Лоренс, Хавиер Бардем, Ед Харис и Мишел Фајфер во главните улоги.
Синедејс, под мотото „Скопска линија, европска вожња“ ќе трае до 19 ноември, а ќе се затвори со премиерата на првиот долгомотрежан филм на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“, во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје и копродукција на „Грал С.А.“ од Грција.
Директорот на Младинскот културен центар (МКЦ), Златко Стевковски денес најави дека во десетте дена на Синедејс ќе се прикажат 135 филмови во повеќе програми : гала, официјална, СинеБалкан, музички документарци, Земја во Фокус- Шведска, МК кратки и студентски филмови.
Во придружната програма се најавени седум документарци и четири работилници.
Од МКЦ најавуваат дека од речиси сите натпреварувачки филмови ќе имаат гости на проекциите, кои ќе разговараат со публиката.
Турскиот режисер Семих Капланоглу, кој во 2010 година доби Златна мечка за „Мед“, е претседател на жирито на официјалната селекција, а за време на фестивалот, во гала програмата ќе игра и неговиот последен филм „Пченица“.
Во соработка со дистрибутерската куќа „Катавеј“ ќе бидат прикажани и два филма – „Фадо“ и детскиот „Рафи“, истовремено на Синедејс, Филмскиот фестивал во Тирана и онлајн платформата Синесквер.нет со што, велат организаторите, се промовираат нови начини за дистрибуција на европски филмови во Македонија.
По завршувањето на Синедејс од 20 до 30 ноември во Џепното кино на МКЦ ќе тече филмски маратон со филмови поделени во десет целини, како документарни, еротски и музички филмови.
Б. НЕСТОРОСКА