ЌЕ ГО ВРАТИМЕ СПОМЕНИКОТ НА ЧЕМЕРСКИ ВО ПРВОБИТНАТА СОСТОЈБА, САКАВМЕ ДА ГИ ИЗБРИШЕМЕ НЕДОЛИЧНИТЕ ПОРАКИ, ВЕЛАТ ОД РЕСОРТ МАВРОВО

    ЌЕ ГО ВРАТИМЕ СПОМЕНИКОТ НА ЧЕМЕРСКИ ВО ПРВОБИТНАТА СОСТОЈБА, САКАВМЕ ДА ГИ ИЗБРИШЕМЕ НЕДОЛИЧНИТЕ ПОРАКИ, ВЕЛАТ ОД РЕСОРТ МАВРОВОСпоменикот во Маврово посветен на антифашистичката борба со мурал од академик Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ. / Муралот насликан на постаментот на споменикот со акцијата „Вдиши го Маврово“ на Ресорт Маврово. (Фото: М. Пановски/Ресорт Маврово)

    Ресорт Маврово ќе ги преземе сите неопходни дејствија за да го врати бетонскиот постамент на мозаикот на Глигор Чемерски во првобитна состојба, соопшти компанијата откако синоќа редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека со мурал „Вдиши го Маврово“ е ишаран постаменот на споменикот во Маврово од 1970-те посветен на антифашистичката борба со мурал од академик Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ.

    Ќерката на сликарот Чемерски, уметницата Елена Чемерска на фејсбук профилот на Ресорт Маврово, што ја организира акцијата, реагираше дека кај старото бачило освен трлото за овци има и споменик посветен на антифашистичката борба од доцните 1970-те, дело на Чемерски и Раѓеновиќ, автори кои што заедно имаат реализирано неколку капитални дела споменици ширум земјава.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК до Ресорт Маворово вчера ги испрати следниве прашања: „Зошто дозволивте да се вандализира и уништува споменикот посветен на антифашистичката борба во Маврово со мурал на уметникот Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ? Дали ќе сносите одговорност за уништувањето на споменикот?“. Рано утрово ни испратија соопштение во кое велат дека фонтаната заедно со постаментот на мозаикот биле во многу лоша и запуштена состојба.

    „На самиот постамент имаше испишано недолични пораки чие место не е до уметничкото дело на Глигор Чемерски за кој имаме огромна почит како автор и уметник. Како компанија ја исчистивме фонтаната и просторот околу постаментот кои беа оставени без никаква соодветна грижа. Фонтаната ја ставивме во функција за која што првично била намената. Со интервенција на постаментот која не го оштетува мозаикот, сметавме дека не само што ќе ги отстраниме недоличните пораки, туку и ќе ги привлечеме посетителите на Маврово да дојдат на оваа локација и да го видат преубавиот мозаик на Глигор Чемерски кој неоправдано е оставен без соодветна грижа. После реакциите и критиките за нашата интервенција, стоиме позади нашите акции и доколку постои некоја грешка ќе биде исправена“, стои во нивното соопштение.

    Оттаму додаваат дека Ресорт Маврово ќе го врати постаментот во првобитната состојба.

    „Ги повикуваме сите оние кои сакаат да го видат ова уметничко дело да го посетат и заедно да работиме на негова популаризација. Но, најбитно од сѐ е неговата заштита, да не остане без соодветна грижа и да не се доведе повторно во состојбата во која што беше, прекриен со недолични пораки и нефукционална фонтана исполнета со смет“, велат од компанијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира