КИНЕНОВА ГО НАГРАДИ ЖАРКО ЛАУШЕВИЌ, ОТВОРА СО „КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ И „МАЖИТЕ НЕ ПЛАЧАТ“

    КИНЕНОВА ГО НАГРАДИ ЖАРКО ЛАУШЕВИЌ, ОТВОРА СО „КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО“ НА МАНЧЕВСКИ И „МАЖИТЕ НЕ ПЛАЧАТ“Специјален гостин е популарниот црногорски актер и писател Жарко Лаушевиќ, кому утревечер на свеченото отворање ќе му биде доделена награда за особен придонес во филмската уметност (Фото: СДК.МК)

    Со скопската премиера на „Крајот на времето“, наградуваниот најнов краток експериментален филм на Милчо Манчевски и со босанскиот кандидат за Оскар „Мажите не плачат“, деби на Ален Дрљевиќ, утревечер во 20 часот во кино Милениум почнува второто издание на филмскиот фестивал Киненова Скопје, во чија селекција за награди се дебија или втор филм на авторите. Специјален гостин е популарниот црногорски актер и писател Жарко Лаушевиќ, кому на свеченото отворање ќе му биде доделена награда за особен придонес во филмската уметност.

    „Му благодарам на фестивалот за наградата. За мене е голема чест. Мојата кариера на некој начин е одбележана со работа со дебитанти рече“, на денес Лаушевиќ и додаде дека со Македонија го врзува пријателството и прекрасната соработка со Слободан Унковски и Владимир Милчин. „Македонија секогаш ми буди носталгични чувства. Во 1987 година во селото Горно Количани снимавме филм со Ксенија Пајчин, Мира Фурлан, Мирјана Јоковиќ…Тоа беше живописно место, каде што куќите беа изработени од кал и изгледаше како да е од 19 век, во тоа време ептен беше филмско место“, рече Лаушевиќ, кој во кинематографијата на бивша Југославија остана запаметен по улогата во „Офицер со роза“.

    Програмска директорка и селекторка на главната програма е филмската критичарка Марина Костова која вели дека е особено задоволна од годинешната селскција.

    „Во конкуренцијата за награди имаме 10 одлични филмови од 10 нови авторски гласови од цел свет кои допрва ќе се слушаат. Иако жанровски различни, сосем случајно испадна темата пострауматска состојба да биде нишка која на некој начин ги поврзува сите филмови во конкуренцијата за награди, што, пак, е сосем соодветно на нашава актуелна стварност. За тоа не бев свесна сѐ додека не се склопи селекцијата, и кога ја погледнав како целина сфатив дека има заедничка нишка. За скопјани, кои преживејаа архитектонска траума, верувам дека особено ќе биде интересен ‘Колумбус’ на американскиот уметник Когонада, за истоименото гратче во државата Индијана кое има најголема колекција згради од најдобрите архитекти на американската и светската модерна. Таа прекрасна модерна архитектура е лик во филмот, и тоа лик кој носи утеха,“ рече Костова.

    По отворањето, од 7-11 октомври проекциите ќе одат во Кинотеката, во Синеплекс и Кино Култура.

    „Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет. Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската независна филмска продукција; Кино Балкан;  Фокус на; Македонски кратки и еден новитет, програмата 0% Цензурирано, која веруваме дека ќе биде  голема провокација за гледачите“, рече директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ.

    Фестивалот е од награден карактер и тоа за најдобар долгометражен филм е 1.500 евра, за најдобар краткометражен филм е  500 евра и онаа за најдобар макеонски краток филм од 200 евра.

    На чело на жирито годинава е легендарниот режисер Горан Марковиќ од Србија, кој во вторник во 11 часот во Кинотека ќе одржи и мастерклас. Во жирито се и Хулија Учансу од Турција, професорка и прва директорка на Истанбулскиот фестивал во чие време тој порасна во еден од најголемите во Европа, нашата актерка и професорка Синоличка Трпкова, и хрватскиот актер Игор Гало.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира