Секој граѓанин кој е заинтересиран за обука за дигитализација на таканаречените домашни филмови, снимени на ВХС, СВХС, 8мм, 9,5мм, 16мм, може да се регистрира на платформата Mobireel.eu, вели Миранда Ала Речи од Кинотеката, која е задолжена за проектот.
Станува збор за проектот Мобилна евтина дигитализација на винтиџ филмови „МобиРеел“ (MobiReel) во рамките на ЕРАСМУС + програмата, на Кинотеката на Македонија во соработка со Бугарија ( SCAS и Народна библиотека „П. Р. Славејков“) , Германија (Zeutschel) и Холандија (ERfgoedcentrum De Domijnen) .
Ала Речи вели дека упатството, обуката и сите дополнителни материјали се на 5 јазици, сѐ е достапно на англиски, македонски, германски, холандски и бугарски јазик.
„Секој заинтересиран граѓанин со или без претходно познавање во сферата на дигитализацијата може да се пријави на онлајн обуката. Кинотеката на Македонија секако нуди услуги за дигитализација на снимки. Обуката дава предлози за како најевтино да чуваат, складираат и дигитализираат своите приватни снимки“, вели таа.
Сертификат може да добие секој граѓанин кој ќе се пријави на онлајн обука и успешно ја заврши. Обуката содржи 5 модули и после секој еден модул, корисникот подлежи на онлајн тестирање. Со успешно полагање на сите 5 тестови за евалуација, корисниците ја завршуваат обуката, и самата платформа генерира сертификат за завршена обука. Сертификатот е Европски признат, дел е од Европски проект за стручно образование/ дообразување.
„Активен е и Јутјуб каналот на проектот и сите може да ги видат кратките видеа снимени од партнерските земји, направени за потребите на проектот: пет видеа за различните единици/модули што ги произведоа проектните партнери. Видеата се кратки објаснувања за темите на модулот. На каналот исто така можат да се видат и неколку кратки веќе дигитализирани филмови“, велат од Кинотеката.
Б. НЕСТОРОСКА