Холивудската легенда Клинт Иствуд демантираше дека дал интервју за австрискиот весник „Куриер“, кое го пренесоа повеќе медиуми, меѓу кои и „Ројтерс“, „Пипл“, „Вараети“, „Фокс њуз“ и „Дедлајн“. „Куриер“ е дневен весник на германски јазик со седиште во Виена со тираж од 100.000 примероци.
Во изјава за „Дедлајн“, Иствуд вели: „Неодамна во медиумите се појавија неколку информации за мене. Мислев да ја открија вистината. Можам да потврдам дека наполнив 95 години. Исто така, можам да потврдам дека никогаш не дадов интервју за австриско издание наречено ‘Куриер’, ниту за кој било друг новинар во последните недели, и дека интервјуто е целосно лажно.“
„Веста во која се пренесува интервју со Клинт Иствуд е повлечена. ‘Ројтерс’ ја презеде сторијата од австрискиот весник ‘Куриер’, кој подоцна изјави дека текстот не ги исполнува неговите стандарди. Нема да има замена на текстот“, објави „Ројтерс“.
„Куриер“ на 30 мај објави интервју со оскаровецот Иствуд, во кое тој, како што е напишано, ја критикува моменталната ситуција во Холивуд.
Во веста што ја пренесе и „Ројтерс“, стоеше дека на прашање за актуелната состојба во филмската индустрија, ѕвездата на филмови како „Добриот, лошиот и грдиот“ и „Валканиот Хари“, и режисер на десетици филмови, рекол: „Копнеам по добрите стари времиња кога сценаристите пишуваа филмови како ‘Казабланка’ во мали бунгалови на студиото. Кога секој имаше нова идеја. Живееме во ера на римејкови и франшизи. Снимав продолженија три пати, но тоа не ме интересираше долго време. Мојата филозофија е: создај нешто ново или остани дома“.