Романот „Играта, падот од небото“ на писателот од Албанија Башким Шеху и „Црн хумор“ на Мурат Озјашар од Турција се добитници на меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2015 и за 2016 година.
Свеченото доделување на наградите, кои ги доделува Фондацијата Балканика, се одржа вчера во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ( МКЦ).
Македонски номинации за наградата беа романот „Невидливи љубови“ на Владимир Јанковски за 2015 година, и романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска за 2016 година.
„По интензивната работа, поделена во повеќе работни сесии во тек на викендов, меѓународната жири комисија, во состав седум книжевни критичари од секоја од државите-членки на Балканика, на чело со претседателот на жирито – проф. Ендрју Вахтел од САД, ги донесоа одлуките за победници во конкуренцијата од седум книги, за секоја година поединечно“, велат од издавачката куќа „Магор“, македонски претставник во Фондацијата Балканика.
„Покривајќи голем временски период, од 1940 до раните две илјадити, иако главно се сосредоточува врз периодот од седумдесеттите до деведесеттите, овој сложено изграден роман на Шеху остава длабок и силен впечаток и го присилува читателот да се соочи со тешки и непријатни прашања кои се однесуваат на универзалните прашања на вината и невиноста, на изградувањето на фигури на авторитет, како и на тоа дали е возможно да се постигне некој вид рамнотежа и среќа по некоја длабока траума“, стои во одликата на жирито за наградениот роман за 2015 година.