КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ЧЕСТ НА 85 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ УТРЕ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

    КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ЧЕСТ НА 85 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЃОРЃЕ МАРЈАНОВИЌ УТРЕ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕЕксгувернерот Петар Гошев, професорот Ѓорѓe Марјановиќ и неговата сопруга на промоцијата на книгата колумни на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на 18 октомври 2019. (Фото: СДК.МK)

    Утре (28) мај во 12 часот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи конференцијата „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“, во чест одбележување на 85 години од раѓањето на професорот Марјановиќ, кој почина во 2022.

    Конференцијата ја организираат Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и Факултетот каде Марјановиќ предаваше Кривично право.

    Тема на конференцијата е „Како Македонија може да стане пристојно место за живеење“, а ќе говорат проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на факултетот, и Александар Марјановиќ, директор на Фондацијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи, Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“ и новинарот Бранко Героски.

    На настанот ќе бидат промовирани книгите „Собрани стручни трудови“ од Ѓорѓи Марјановиќ и „Разговори со професорот Ѓорѓи Марјановиќ“ од Бранко Секуловски. Промотори на книгите ќе бидат професорот Гордан Калајџиев и Владимир Петрушевски-Фили.

    Марјановиќ беше почесен претседател на Лигата за демократија и дисидент од времето на комунизмот.

    Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962, магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата „Правните последици на осудата”.

    Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата „Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје 2, го поминал на Правниот факултет во Скопје, од изборот за асистент во 1965 , до редовен професор (1985-2001).

    За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации.

    Низ богатиот работен век професор Марјановиќ објави многу трудови и преведе светски дела меѓу кои и класиките на Марсел Пруст. Беше и еден од најчитаните колумнисти, а по локалните избори 2005 година беше советник во Советот на град Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира