КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА СЛАВЕ ДИМИТОРВ НА 28 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ, СО НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР

    КОНЦЕРТ ВО ЧЕСТ НА СЛАВЕ ДИМИТОРВ НА 28 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ, СО НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАРНајголемиот хит „Чија си“, Славе Димиторв го компонирал во 1969 во Битола, а песната првпат е испеана на фестивалот „Скопје 71“ (Фото: Фејсбук)

    Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во чест на легендарниот музичар Славе Димитров на 28 ноември од 20 часот во Филхармонијата. Концертот е насловен „Од Евридика до Чија си“, а ќе се одржи по повод 80. роденден на Димитров. Ќе диригира Џијан Емин.

    На концертот ќе настапат Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Елена Ристевска, Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ Пере и Миа Перевска, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Ѓошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.

    Евергрините на Димитров „Чија си“, „Делфина“, „Каде песно моја“ и други ќе бидат изведени во нови оркестарски аранжмани.

    Димитров е роден на 1 јуни 1946 во Битола и годинава одбележува шеесет години музичко творештво. Тој е композитор, пејач, аранжер и музички продуцент, кој остави значаен белег во македонската забавна музика.

    Неговиот најголем хит „Чија си“ го компонирал во 1969 во Битола, а песната првпат е испеана на фестивалот „Скопје 71“, во интерпретација на Димитров и хрватскиот пејач Крунослав Киќо Слабинац. Ја освои втората награда од публиката и подоцна беше прогласена за песна на минатиот милениум.

    Неодамна, во издание на „Арс либрис“, како дел од „Арс ламина- публикации“, излезе авторизираната биографија „Чија си“ од Максим Ристески. Книгата ги опфаќа животот, музичката кариера и творештвото на Димитров, а е објавена во годината кога се одбележуваат 80 години од неговото раѓање и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.

    Билетите за концертот се во продажба преку „МК тикетс“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира