КОРЕОГРАФИИ ОД СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА, ФРАНЦИЈА И ОД МАКЕДОНИЈА НА 17. ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ КОЈ ПОЧНУВА НА 1 ЈУНИ

    КОРЕОГРАФИИ ОД СЛОВЕНИЈА, ХРВАТСКА, ФРАНЦИЈА И ОД МАКЕДОНИЈА НА 17. ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ КОЈ ПОЧНУВА НА 1 ЈУНИЗагребачки плесни ансамбл ќе дојде со кореографијата на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза, насловена „Ревел Ревел“.

    Седумнаесеттиот Танц фест Скопје ќе се одржи од 1 до 7 јуни, а годинава мотото е „Украдени движења“, најавува уметничката директорка Рисима Рисимкин.
    Ќе гостуваат Жигон Крајнчан од Љубљана, Словенија, Загребачки плесни ансамбл со кореографијата на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза, насловена „Ревел Ревел“, а во Скопје и Тетово ќе настапи францускиот танчер и кореограф Амала Дианор „Ман Рек“.

    На фестивалот ќе се претстават и младите кореографи Адријана Данчевска со „Не ми ги допирај очите“, Филип Петковски со танцовиот филм „Витро“, Валентино Апостоловски, кој во соработка со режисерот Благој Мицевски ќе го изведе делото „Најлон“ и Дејан Битровски со „Ѓаволска дупка“.

    Во склоп на фестивалот своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.

    „Скопје танцовиот театар“ ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на  Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени“ на Блаже Конески.

    „Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески и одбележување на 100 години од неговото раѓање. Традиционално, на фестивалот ќе се доделат и наградите Менада за врвно остварување и животно дело во областа на танцот и Менада за млад уметник, а ќе има и омаж за  творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков“, додава Рисимкин.

    За младата генерација, во рамки на фестивалот ќе се одржи „Отворена програма“ со настапи на танцови студија од Битола, Скопје, Струмица, Велес и Куманово, како и повеќе работилници за современ танц со странските гости.

    Влезот за сите претстави е слободен, со ограничен број на места, во согласност со ковид-19 протоколите.  Танц фест годинава се одржува со поддршка од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија, Францускиот институт Скопје, Француска амбасада и Театроскоп, Белград и Град Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира