Косовскиот филм „Вера сонува за морето“ на дебитантката Калтрина Красниќи, во кој копродуцент е и Македонија со „Дрим фектори“, победи на филмскиот фестивал во Токио. Филмот, во кој главната улога ја игра македонската актерка Теута Ајдини-Јегени, а игра и Рефет Абази, ја освои наградата Токио гран при во конкуренција со 15 филма од целиот свет.
„Вера сонува за морето“ светска премиера имаше во селекцијата Хоризонти на годинашниот Венециски фестивал, и освои две од паралелните награди кои ги доделуваат други институции.
Филмот е приказна за семејната драма на преведувачка на знаковен јазик, која по смртта на сопругот ќе се соочи со корумпираните односи во семејството во битката за сопственоста на неговата селска куќа. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематографер е Севдије Кастрати, монтажер е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а македонски продуцент е Огнен Антов.