КУЛТУРНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ШТО ИМААТ СПРЕМНА СИСТЕМАТИЗАЦИЈА ВЕДНАШ ЌЕ ЈА ИСПЛАТАТ ЈУЛСКАТА ПЛАТА, ОСТАНАТИТЕ ЕТАПНО, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    КУЛТУРНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ШТО ИМААТ СПРЕМНА СИСТЕМАТИЗАЦИЈА ВЕДНАШ ЌЕ ЈА ИСПЛАТАТ ЈУЛСКАТА ПЛАТА, ОСТАНАТИТЕ ЕТАПНО, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКАМинистерката за култура Ирена Стефоска денес имаше средба во Министерството за култура со Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) и Синдикатот на културата во Македонија (СКРМ). (Фото: Министерство за култура)

    Институциите во културата кои се подготвени веднаш ќе ја добијат јулската плата, рече министерската за култура Ирена Стефоска, по денешната средба во Министерството за култура со Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) и Синдикатот на културата во Македонија (СКРМ), за надминување на проблемите во примената на Колективниот договор во делот за плати во областа на културата за јули.

    Претходниот министер за култура Хусни Исмаили, претседателката на СКРМ Сања Арсовска и претседателот на СОНК Јаким Неделков на 30 декември лани го потпишаа Колективниот договор со кој по 15 години се уредуваат правата на вработените во културните институции.

    Владата тогаш го задолжи Министерството за финансии да ги обезбеди средствата за оваа намена најдоцна до 1 јули 2020 година.  Со овој договор, вработените во културата веќе требаше да ја добијат покачена јулската плата, но според Министерството за култура, проблемот настана поради тоа што не сите директори доставиле извештај за систематизација до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА)

    „На средбата беше заклучено дека причините за проблемите поради кои доцнат платите за јули се надминати и дека исплатата на платите започнува веднаш за оние институции што се подготвени. Другите ќе ги добиваат платите етапно, по усогласување на систематизациите во институциите“, велат од Министерството.

    Оттаму додаваат дека Стефоска ги повикала институциите кои немаат донесено нови систематизации во согласност со новиот Колективен договор, тоа да го сторат во најбрз можен рок, и на тој начин да ја почнат исплатата на платите, а со тоа да почнат во целост да го применуваат Колективниот договор.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира