Лабина Митевска, продуцентката на „Кога денот немаше име“ што го режира сестра и Теона Стругар Митевска, во отворено писмо до премиерот Зоран Заев бара тој да го отпушти Златко Теодосиевски, посебен советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, затоа што во колумна на неговиот блог напиша дека во филмот има говор на омраза против Албанците. Колумната ја објавија и порталите Плусинфо и Либертас, а објавена и е во весникот Слободен печат.
„Кога денот немаше име“ имаше македонска премиера минатата недела во конкуренција за награди на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, а на 12 октомври во Скопје ќе има кинопремиера. Сестрите Митевски во февруари, кога беше светската премиера на Берлинале, рекоа дека филмот е инспириран од масакрот кај Смилковско Езеро, но во Битола Лабина рече дека не сакале да направат документарец за Смилковско туку сакале да ја прикажат загубената генерација на Македонија. Во филмот се имплицира меѓуетнички судир, главните ликови се убиени при риболов по закачка со група албански мангупи.
Во колумната насловена „Политикантски памфлет“, Теодосиевски меѓу другото вели: „Зашто филмот ‘Кога денот немаше име’ е политикантски памфлет без преседан во македонската култура, зло кумулирано во деведесетина минути кое што свири на тенките националистички и етнички жици, подметнува, обвинува, се затскрива зад група млади луѓе за да шири омраза и невистини… Тоа е неговата основна и крајна цел и тука нема ама баш никакви дилеми. Зашто, прво, еден филм со сериозно обмислен творечки концепт, никогаш не би се концентрирал на тема каква што е случајот ‘Монструм’ тоест ‘Смилковско езеро’. Зошто? Затоа што тоа е политички и судски – незавршен случај! Со што тогаш се бави филмот, со која и каква приказна, и врз основа на што директно и неотповикливо обвинува? Што, во случајов, се сценаристите, режисерката, продуцентката: полиција, обвинители и судии, во едно? Плус – филмаџии? И кому му го поттураат тоа кукавичко политикантско јајце, овде вообличено во типичен памфлет од нацистички (Рифеншталовски) происход? На македонската јавност, на албанската јавност, на обете? И со каква нечесна намера?“. Теодосиевски заклучува дека последното дело на Теона е „само еден лош, бескрајно лош и крајно неморален филм!“
Лабина Митевска во писмото до Заев вели “посебниот советник во колумната запенавен обвинува за нацизам, мене и Теона нè нарекува Рифеншталки, заборавајќи дека косценарист е Елма Татарагиќ, селекторот на Сараевскиот фестивал и почитуван член на низа меѓународни филмски тела, која исто така значи пишувала сценарио по нарачка, па не обвинува за повикување на омраза кон Албанците, дека Груевски или Канчевска го нарачале филмот, дека манипулираме, дебело наплаќаме за тие услуги, дека филмот е целосно финансиран од државни пари (ноторна лага! Еве накусо структура на финансии: во процент од 46% или во средства 487.000 од 1,050,000 евра се доделени на конкурс на Агенцијата за филм на РМ, потоа Белгија со 24%, Словенија со 10% и 16% Еуримаж, пари пристигнати од најпрестижниот Европски филмски фонд и 4% сопствено учество). Произлегува дека сите тие комисии, одбори, продуценти работат за пропагандата на претходната влада и финансираат културен продукт кој е осмислен за да предизвика насилство и омраза!?“.
Митевска вели дека очекува Заев да го смени Теодосиевски заради заштита на слободата на изразување.
„Ќе очекувам конкретни мерки за заштита на слободата на изразување, за слободата на уметничкото творење, за слобода да се мисли со своја глава и да се говори на секоја тема, па кога и на Златковци нема да им се допадне, па да немаат право да претат од позиција на моќ со истраги и со закани за недавање повеќе државни пари на од него обележаните автори. Тој во текстот прети дека филмот никој сем фестивалската публика во Битола нема да го види, па прети и со цензура значи. Посебниот советник на министерот за култура заслепен од омраза конструира сценарија, без никакви докази, фабрикува лаги за начин и износ на доделени средства, влегува во отворена кампања за дефамација и дискредитација на личниот и професионален углед на едни од најуспешните филмски автори од Македонија и прети дека ќе стави точка на тоа. Тој, повиканиот да помогне при креирањето на културни политики прети како диктатор“, вели Митевска и заклучува:
„Еве застанувам прва на листата. Вие бирате господине Заев дали ќе сум прва и последна на Теодосиевската листа или прва на Заевата, бидејќи така ќе Ве памети историјата ако дозволите ова зло да продолжи да се шири и овој посебен советник на Министерот не биде набркан од просториите на Владата на РМ заради груба злоупотреба на службена позиција!“, му пишува Митевска во отвореното писмо на премиерот.