ЛЕГЕНДАРНАТА АКТЕРКА БЕТИ ВАЈТ ПОЧИНА НА 99 ГОДИНИ

    ЛЕГЕНДАРНАТА АКТЕРКА БЕТИ ВАЈТ ПОЧИНА НА 99 ГОДИНИВајт имаше осумдецениска кариера и беше еден од пионерите на телевизијата (Фото: АП)

    Легендарната американска актерка Бети Вајт, која се прослави во комичните серии „Шоуто на Мери Тајлер Мур“ и „Златни девојки“, почина на 99 години. Таа починала утрово во својот дом, само две недели пред да наполни 100 години.

    „Иако имаше речиси 100 години, мислевме дека ќе живее вечно“, изјави нејзиниот менаџер Џеф Витјас.

    Во кариерата која се протегна низ осум децении, Вајт освои осум Еми награди и еден Греми. Како еден од пионерите на телевизијата, таа ги отвори вратите на забавната индустрија за многу жени.

    Родена во Оукленд во 1922, Вајт ја почнала кариерата во 1939, пеејќи во експериментален телевизиски пренос. По Втората светска војна, настапувала на радио, по што стана првата водителка на телевизиско ток-шоу. „Шоуто на Бети Вајт“ имаше премиера во 1954 година, но она што ја направи вистински славна беше улогата на Сју Ен Нивенс во „Шоуто на Мери Тајлер Мур“. Својот легендарен статус го зацементираше со серијата „Златни девојки“ во 1980-ите.

    „Штета, Бети Вајт беше прекрасна дама. Кој не ја сакаше Бети Вајт? Сите сме тажни поради нејзината смрт“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

    Вајт неодамна кажа дека планира да го прослави 100. роденден во кино, со премиерата на документарниот филм за нејзините живот и кариера.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира