Агенцијата за филм незаконски го искористи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор и ја доведе јавноста во заблуда со вчерашното сооопштение до јавноста, бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура, велат од Министерството за култура и додаваат дека најостро реагираат на соопштението, ќе побараат одговорност и очекуваат Агенцијата за филм да се извини.
„Министерството за култура најостро реагира на соопштението на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, дистрибуирано до медиумите на 27.7.2020 година, од страна на нивната ПР агенција ‘Навигаторс’. Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно, со соопштението јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура. Министерството за култура, односно Секторот за управен и инспекциски надзор не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата. Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, Записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, соопшти Министерството за култура.
Вчера, од страна на ПР Агенцијата „Навигаторс“ до медиумите од име на Агенцијата за филм беше лиферувано непотпишано соопштение за јавност на меморандум во кој од едната страна стои логото на Агенцијата, а од другата страна логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Во непотпишаното соопштение со логоа на две државни институции и испратено од ПР агенцијата, насловено „Нема конфликт за интереси во Агенцијата за филм, утврди Министерството за култура, Антикорупциска ќе ја стопира истрагата“ се тврди дека: „Инспекцискиот надзор на Министерството за култура што постапуваше по пријавите за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм, како и нејзиниот директор Горјан Тозија, констатираше дека се неосновани. Државниот Управен инспекторат ќе даде предлог Антикорупциска да ја стопира истрагата“. Но од цитатите од наводниот извештај не произлегуваат тие тврдења.
Во соопштението Агенцијата за филм, чиј директор и членови на Управниот одбор ги именува Владата, се заканува со тужби и ги дискредитира независните истражувачки медиуми САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК за наводно нарушување на угледот на Агенцијата поради истражувачките текстови со кои се укажа на неправилностите во работата на оваа државна институција, а кои се и предмет на истрага на ДКСК.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Министерството за култура стои зад ова соопштение од Агенцијата за филм, државниот секретар за култура Валмир Азири денеска повтори дека Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор и дека соопштението не е изработено во соработка со стручните служби на Министерството за култура, и во согласност со тоа, ставовите изнесени во соопштението не се на Министерството за култура.
Азири истакнува и дека не се содржани во Записникот од извршен инспекциски надзор на Секторот за управен и инспекциски надзор ставовите кои се содржани во соопштението на Агенцијата за филм дека: „Инспекцискиот надзор на Министерството за култура што постапуваше по пријавите за наводен конфликт на интереси во Агенцијата за филм, како и нејзиниот директор Горјан Тозија, констатираше дека се неосновани. Државниот Управен инспекторат ќе даде предлог Антикорупциска да ја стопира истрагата“.
На прашањето што ќе преземе Министертвото за култура во врска со фалсификувањето на меморандумот со логото на Министерството, Азири вели: „ќе постапиме согласно законските прописи и ќе покренеме соодветни постапки пред надлежните органи. Очекуваме дека Агенцијата за филм најнапред ќе се извини за ваквото соопштение“.
Но место извинување, Агенцијата за филм повторно со непотпишано соопштение испратено од ПР агенцијата „Навигаторс“ вели дека: „Користењето на логото на Министерството за култура не е тенденциозно, туку напротив со намера за објективно информирање, со оглед на тоа што документот што се цитира е од оваа институција, истиот документ е издаден на меморандум и со лого на Министерството за култура. Нивното соопштение околу логото не го менува фактот и не смее да ја потисне суштината, а тоа е: информацијата дека ‘Во Агенцијата за филм е утврдено дека нема конфликт на интереси по извршениот инспекциски надзор на Министерството за култура’“. Заедно со соопштението, ПР агенцијата од име на Агенцијата за филм доставува и документ од Министерството за култура, записник од Министерството за култура – Сектор за инспекциски надзор.
Антикорупциската комисија отвори три предмети за работата на Тозија. Првата истрага е за предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата, за која ДКСК од Владата минатата недела побара Тозија да биде разрешен. За Тозија имаат добиено уште две пријави за кои се водат случаи, врзани со судир на интереси во Агенцијата и за Конкурсот за поддржани филмски проекти, кој беше објавен во јануари годинава, а за кој резултатите беа објавени неодамна.
Во соопштението од Агенција, меѓудругото стои и :„Врз основа на утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски надзор, не е констатирано дека од страна на пријавените лица Бранко Петровски (во својство на член на Филмскиот совет и финансиски советник), и Ана Василевска (во својство на член на Филмскиот совет и рецензент), е сторена повреда на одредбата од членот 54 од Законот за филмската дејност, односно не е утврдено нивно учество на конкурсите на Агенцијата за филм со свои проекти. Во меѓувреме согласно со член 22 став (2) од Законот за филмската дејност, на 10.7.2020 година од страна на в.д. директорот на Агенцијата за филм се именувани нови членови на Филмскиот совет, на место на горенаведените лица. Оттука, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба при вонредниот инспекциски, надзор инспекторот ја запира постапката во согласност со член 83 став (5) од Законот за инспекциски надзор, а примерок од Записникот се доставува на увид и надлежност на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Сл. весник на РМ“ бр. 12/2019), а во врска со членот 32 од Законот за филмската дејност.”
Практично, инспекцискиот надзор утврдил дека постоел конфликт на интереси но тој бил надминат со именување на нови членови на Филмскиот совет. Надзорот на Инспекторатот се вршел од 22 до 24 јули, односно откако ДКСК укажала на судир на интереси па во меѓувреме биле именувани новите членови на Советот.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев ни рече дека уште не го добиле извештајот од инспекцискиот надзор, но тоа што се вели во соопштението не ја менува состојбата шти ја утврдила Комисијата.
„Не стигнал уште никаков допис, ја видов реакцијата од Култура. Во секој случај, нашата иницијатива до Владата за одговорност на в. д. директорот е за исплата на филмските проекти спроведена надвор од процедурите“, ни рече Георгиев.
Георгиев на прес-конференцијата на ДКСК на 23 јули кажа: „Поврзано со овие претставки се и наодите дека во Филмскиот совет во Агенцијата постојат ситуации на судир на интереси. Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие 5 членови на Советот, двајца имаат двојно именување, т. е два члена кои ги ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интерес и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17 јули нè извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК претпладнево испрати прашања до Владата, која денеска од 12 часот одржува виртуелна седница преку Интерент. Ова се прашањата:
1.Како Владата ќе одговори на иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за утврдување на одговорност на в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност?
2. Дали Владата ќе постапи по иницијативата на ДКСК приоритетно, со оглед дека мандатот на в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија истекува на 4 август?
3. Дали Владата ќе испита дали во случајот со соопштението од Агенцијата за филм станува збор за груба злоупотреба на службената должност и груб фалсификат и манипулирање со службени документи заради пласирање невистини во јавноста? Ова дотолку повеќе што, спорното соопштение од Агенцијата за филм го пренесе како оригинална содржина и државната Медиумска информативна агенција (МИА).
4. Дали Владата за случајот со ова соопштение ќе побара одговорност од в. д. директорот како и од претседателот и членовите на Управниот одбор на Агенцијата за филм?
Од Владата попладнево стигна следниот одговор: „До Владата на Република Северна Македонија досега не е пристигнато никакво барање од Државната комисија за спречување на корупција по прашањето. Доколку пристигне и се разгледа на некоја од седниците на Влада, јавноста навремено ќе биде известена. За останатите прашања од Вашето барање Ве упатуваме на соопштението на Министерството за култура“.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, на 24 јули во емисијата Топ тема на Телма изјави дека тој ден до Владата писмено ја пратиле иницијативата за разрешување на Тозија.
Во врска со претходното исто така непотпишано соопштение на Агенцијата за филм, испратено до медиумите на 9 јули 2020 од ПР „Навигаторс“, со груби дисквалификации за САКАМДАКАЖАМ.МК, редакцијата се обрати до претседателот и членовите на Управниот одбор на Агенцијата, за потврда дали е тоа и став на Одборот.
„Сите одлуки, заклучоци и известувања кои што Управниот одбор на Агенцијата за филм ги донесува, истиот стои зад нивната содржина и ги потпишува“, ни одговори писмено Александар Касапинов, претседател на Управниот одбор од седницата одржана на 21 јули.
Б. НЕСТОРОСКА