„СО ЉУБОВ“ ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА МАКЕДОКС ВО КУРШУМЛИ АН

    „СО ЉУБОВ“ ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА МАКЕДОКС ВО КУРШУМЛИ АНДокументарецот „Со љубов“ на Илија Цветковски изминатава недела играше на фестивалот во Сараево, а на МакеДокс ќе има македонска премиера (Фото: СДК.МК)

    Со македонската премиера на документарецот „Со љубов“на Илија Цветковски вечерва во Куршумли ан во Скопје почнува осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс. „Со љубов“, по сценарио на Атанас Георгиев, е за колекционер на стари коли од Неготино, а игра во програмата Нови автори. Во истата програма ќе биде прикажан уште еден македонски филм, „Планински кавијар“ на Јордан Дуков.

    Годинава МакеДокс има 68 филмови во пет сегменти – Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма и 65 фестивалски гости. Тематски, фестивалот ќе биде фокусиран на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, по изреката „Една слика вреди илјада зборови“.Земја во фокус годинава е Грузија.

    „Годинава целата ситуација со фестивалот ја гледаме од птичја перспектива, бидејќи сме птици-преселници и следните години ќе треба да се отселиме од нашето гнездо во Куршумли ан, но се надеваме дека тоа нема да биде засекогаш и дека пак ќе се вратиме во нашето гнездо“, вели директорката на МакеДокс Петра Селишкар (Фото: МакеДокс)

    Осумте документарци во Главната програма, со проекции во Куршумли-ан, ќе се натпреваруваат за наградата Кромид за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.

    За наградата Млад кромид за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки. За наградата Кокарче за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски. Годинава, првпат на МакеДокс ќе биде доделена и награда Сечкан кромид за краток документарен филм, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат. Сите филмови што ќе бидат прикажани на МакеДокс влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.

    Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даут Пашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стен Милер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.

    На отворањето ќе свири „Фолтин“, а во текот на фестивалот ќе свират и словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“ и македонската група „Баклава“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира