Берлинскиот филмски фестивал ја објави главната конкуренција во која 18 филмови ќе се борат за Златната мечка, сите светски премиери освен „Барај ја Џејн“ на Филис Наги што претходно ќе игра на Санденс. Берлинале отвора на 10 февруари со „Петер Фон Кант“ на Франсоа Озон, и ќе оди в кино но со многу рестрикции поради бранот на омикрон. Филмскиот копродукциски маркет ќе оди целосно онлајн.
Во конкуренцијата за престижната Златна мечка за првпат е и француската режисерка Клер Дени, со „Двете страни на сечилото“ со Жилиет Бинош, а десет години по победата и за првпат без брат му, доаѓа и Паоло Тавијани со „Леонора адио“.
„Дванаесет автори биле претходно на фестивалот, осум од нив биле во конкуренција, а пет од нив веќе држеле Мечка во рацете. Човечките и емоционалните врски се заедничка нишка. Повеќе од половина го избрале семејството како контекст на нивните приказни, а повеќе од половина се случуваат во денешно време. Речиси сите ги поставуваат своите приказни надвор од центарот на градот“, вели за селекцијата директорот на Берлинале Карло Катријан.
Иако фестивалот беше принуден да го намали не само бројот на денови, туку и бројот на филмови, многу познати режисери сепак ќе можат да ги прикажат своите најнови дела. Меѓу нив и Кореецот Хонг Санг-соо, Австриецот Улрих Зајдл, Швајцарката Урсула Мејер, Германецот Андреас Дрезен, Канаѓанецот Денис Коте.
Во главната селекција – и за Златна мечка и во Средби, Берлинале специјал и Берлинале специјал гала – забележливо е отсуството на филмови од Југоисточна и Источна Европа. Има само еден грчки и еден руски филм во програмата Средби.
„Годинешниот избор беше поголем предизвик од вообичаеното. Но, веруваме дека колективното искуство е во центарот на филмскиот фестивал, или барем во центарот на Берлинале“, вели Катријан, додавајќи дека многу филмови се фокусираат на тоа „каков беше светот порано, и како треба и како можеше да биде“, но се осврнуваат и на моќта на имагинацијата и хуморот. „Никогаш досега не сме имале толку многу љубовни приказни. Луда, неверојатна, неочекувана и опојна љубов – тоа е она за што длабоко внатре всушност и се средбите меѓу луѓето“, вели тој.
Берлинале завршува на 22 февруари.