„МАКБЕТ“ Е СООДВЕТНА ЗА ДЕНЕС, КОГА ЗЛОТО ГО ЦИЦА РАЗУМОТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО МНТ

    „МАКБЕТ“ Е СООДВЕТНА ЗА ДЕНЕС, КОГА ЗЛОТО ГО ЦИЦА РАЗУМОТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА ВИТОШЕВИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО МНТДрагана Лошкова и Сашко Коцев ги играат главните улоги на Леди Макбет и Макбет (Фото: К. Галевски)

    Шекспировата трагедија „Макбет“, за првпат во Македонскиот народен театар (МНТ), премиерно ќе се изведе утревечер во 20 часот. Адаптацијата и режијата се на Нела Витошевиќ, која за поставката го користела преводот на Богомил Ѓузел.

    Витошевиќ, која по третпат работи во МНТ, рече дека „Макбет“ е нејзина продукциски најголема претстава, со најголем кастинг и која најдолго ја поставувала, 4 месеци. Таа рече дека размислувала според кој превод да го работи делото, дали според Ѓузел или на Драги Михајловски, но го избрала првиот, оти смета дека е пофлуентен и подинамичен.

    „И преводот на професорот Михајловски е одличен, но тој повеќе пишува расказно, а нам повеќе ни одговараше поетичноста на Шекспир, која е позастапенa во преводот на Ѓузел. Кога би ја работела ‘Макбет’ според преводот на Михајловски, тоа ќе биде поинаква претстава“, рече Витошевиќ на денешната прес-конференција.

    Режисерката Нела Витошевиќ со дел од актерската екипа на денешната прес-конференција (Фото: МИА)

    Витошевиќ кажа дека „Макбет“ е колку психолошка, толку и политичка претстава, дека зборува за политичкото зло. Во делото, како и во претставата, вели таа, се отсликува една лепеза на карактери, преку кои се отвораат низа политички прашања апсолутно актуелни за денешницата.

    „Целата оваа атмосфера ја препознавам како еквивалент на една мачна состојба на модерното живеење, условена од трката за брз напредок кај поединецот. Преведено во денешен контекст, човековата амбиција за престолот е еднаква на денешниот либерал-капитализам, каде личниот интерес е над сѐ останато, а газењето преку лешови за да се стигне до врвот е типична одлика на современото битисување“, рече Витошевиќ.

    Главните ликови на Макбет и Леди Макбет ги играат Сашко Коцев и Драгана Лошкова. Коцев рече дека ова му е прва претстава каде го учел текстот, и дека на инсирирање на режисерката, многу работеле на тоа стихот да не звучи како стих, туку како проза, обична реплика.

    Во големата екипа актери се и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Борче Начев, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров, Филип Ивковски и Адриен Боирал.
    Сценографијата е на Костантин Трпеноски, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска. За костимите, режисерката рече дека сакала да постигнат спој, ефект на раскош и футуризам. Музиката е на Огнен Анастасовски.

    Репризата е на 11 мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира