Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, почнува в четврток (20 часот) во Куршумли ан, со чешко-кубанско-шпанскиот филм „Вај-фај плаза Куба“ на Адријан Келтерборн. По него е американскиот „Кеди“ на Сејда Торун. Во 22, 30 часот е најавен концертот на хип-хоп бендот „Џими Барка експериенс“ од Словенија.
Директорката на МакеДокс Петра Селишкар денес рече ќе се прикажат околу 70 филмови и ќе дојдат исто толку гости.
„Имаме филмови од Индија до Исланд. Годинашно мото е ‘Реалноста режира, а ние правиме филмови’, затоа што деветото издание на Фестивалот е посветено на режисерите на документарците“, рече Селишкар.
Филмовите ќе се прикажат во 5 категории: Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска програма и во Програма на етички идеи, која е новина на МакеДокс.
Годинава Земја во фокус е Полска, програма која се организира во соработка со Фондација Краков.
Фестивалот ќе трае до 23 август, а проекциите, работилниците, панел-дискусиите и концертите ќе се одржуваат на три локации: Куршумли ан, платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современа уметност (МСУ).
Фестивалскиот комплет билети чини 1.500 денари, а продажбата оди преку www.mktickets.mk.
Б. НЕСТОРОСКА