Во 2016, Вардан Тозија дебитираше со „Џган“, мрачна социјална драма за пријателство и за преживување на домски деца малолетни делинквенти во општество на корумпирани возрасни со скршени илузии и вера, изведена со многу осет и емпатија и со сигурна режисерска рака. Заедно со „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, што излезе 2017, беа двете најдобри дебија во последната деценија во земјава, на автори кои не се срамат од „Златна Македонија“ туку со длабок интерес и здрав контакт со реалноста се обидуваат да ја истражат во сета нејзина комплексност и лудило и да ја артикулираат во уметничко дело.
Тозија во „Џган“ покажа дека умее да артикулира емоција, без фолирање и манипулирање со стереотипи, што е најважно во едно дело.
Само траги од таа умешност има и во „М“, неговиот втор филм, дистописка приказна за дете што живее изолирано во шума со татка си кој е толку опседнат да го заштити од зло што станал студен и груб. Детето е Марко (го игра Матеј Сиваков) кој само на сон го гушка татко му (Сашко Коцев) и копнее по мајка му (Верица Недеска) која не ја ни знае. Морничавоста на длабоката шума ќе ја разбие неговото пријателство со врсникот Мико со Даунов синдром (Александар Ничовски) кој живее со мајка си (Камка Тоциновски). И после, ќе дојдат зомбињата и почнува друг филм.
По сценарио на Тозија и Даријан Пејовски, во „М“ суштински теми се стравот од смрт и копнежот за љубов, манифестирани во страв од напуштање и од загуба на родител и во потребата за блискост и топлина. Но за жал, главната приказна не е темелно разработена и затоа криво сраснува со дистопискиот жанр – обете личат наивно и неповрзано, па час е детски филм, час зомби апокалипса. Затоа и како изнасилено решение личи нараторскиот детски глас кој раскажува бајка за деца и кој треба да биде некаква спона меѓу двата различни дела. Исто така невоедначена е и музиката на францускиот композитор Натанел Бергесе, која е ту детски весела, ту морничаво страшна.
Особено клише се жанровските елементи – има вирус, распаднато општество, моќници, војска и бунтовничко подземје, ама ништо битно ни оригинално, па не ѝ придонесува на главната приказна дури ни како фон. Па дури ни како евентуална рефлексија за актуелното време во кое живееме. Можеби најдобар пример за тоа криво сраснување е еден очебиен превид во изгледот на Марко – живее во шума и во апокалиптичен свет каде сѐ е запуштено и распаднато, но он цело време има перфектна фризура.
Во „М“ се открива извонредниот талент на седумгодишниот Матеј Сиваков, кој Марко го игра со неверојатна емотивна длабочина и зрелост, и со исклучителна промисленост го гради распонот на неговиот лик. Благодарение на играта на Сиваков, Тозија ги артикулира емотивно најсилните сцени во филмот, особено во долгоочекуваната средба на Марко со мајка му.
Иако неговиот лик е само бегло скициран во сценариото, Сашко Коцев успева да искреира моќен перформанс на соголен родителски страв. Тој создава една од ретките улоги чија суштина е задушувачкиот страв на таткото од и за своето дете и сиот длабок вонземир што го следат.
Камерата на Владимир Самоиловски успева на некој сублиминален начин да ги спои двата дела во филмот – длабоката шума ја слика како место исто толку морничаво како раскапаната урбаност на постапокалиптичниот град.
Всушност, најголемиот проблем на „М“ не е тоа што инсистира да биде жанровски филм, туку тоа што прикаската не е цврста, па затоа и целината е неверодостојна. И во овој филм, како и во повеќето од новата генерација македонски автори, сценариото е најслабата алка, што веројатно е системска слабост, имено од недостаток на соодветно образование.
Марина КОСТОВА