„МАНАКИ“ ОТВОРА СО „ЉУБОВНИКОТ“ И „ИСТРЕБУВАЧ 2049“, МИЛИЦА СТОЈАНОВА Е ЛАУРЕАТ НА ГОЛЕМАТА ЅВЕЗДА ОД ДФРМ

    „МАНАКИ“ ОТВОРА СО „ЉУБОВНИКОТ“ И „ИСТРЕБУВАЧ 2049“, МИЛИЦА СТОЈАНОВА Е ЛАУРЕАТ НА ГОЛЕМАТА ЅВЕЗДА ОД ДФРМПретседателот на Друштвото на филмските професионалци Игор Иванов-Изи, директорката на „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска и уметничкиот директор и селектор Благоја Куновски-Доре ја најавија селекцијата и лауреатите (Фото: МИА)

    Триесет и деветтото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола на 22 септември ќе се отвори со премиерата на краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи,  и со проекцијата на „Истребувач 2049“ во чест на британскиот оскаровец Роџер Дикинс, кој е годинашен добитник на наградата Златна Камера 300 за животно дело. Светскиот рекордер по номинации за Оскар, 13, Дикинс (69) годинава го доби Оскарот за кинематографија за филмот „Истребувач 2049“.

    На свеченото отворање на македонската и театарска актерка Милица Стојанова ќе ѝ биде врачена наградата Голема ѕвезда, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија. Досегашни добитници се: Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ и Сајмон Пери од Велика Британија.

    „Добивме коментари зошто оваа награда оди за Милица која не е позната како актерка на главни улоги. Осумдесет и шестгодишната актерка која е 60 години на филмското платно, има играно во филмовите од ‘Фросина’, ‘Исправи се, Делфина’, „Тетовирање“, ‘Среќна Нова’ 49′, па сѐ до новите како ‘Три дена во септември’. Ја наградуваме и поради фактот дека жената во македонските филмови е многу ретко претставувана како главен лик. Ќе откријам и еден помалку познат факт за пошироката јавност, а тоа е дека Милица го позајмува гласот за 90 отсто од македонските филмови каде играле српски и хрватски актерки“, рече претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

    Уметничкиот директор и селектор на „Браќа Манаки“ Благоја Куновски- Доре ја најави селекцијата за главните награди: „Фокстрот“ на режисерот Самуел Маоз и кинематограферот Ѓора Бејач, „Студената војна“ на Павел Павликовски и Лукаш Жал, „Транзит“ на Кристијан Пецолд и Ханс Фром, „Пепелта е најчисто бело“ на Џја Џанг-ке и Ерик Готје, „Лето“ на Кирил Серебреников и Владислав Опелијанц, „Нико“ на Крисетл Фурние и Сузана Никјарели, „Горење“ на Чанг-донг Ли и Кионг-пуо Хонг, „Ага“ на Милко Лазаров и Калојан Божилов, „Девојка“ на Лукас Донт и Франк ван ден Ееден, „Зимски муви“ на Олмо Омерзу и Лукас Милота, „Недвижен имот“ на Манс Мансон како корежисер и кинематографер и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли и Чејс Ирвин.

    Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска рече  дека во главната програма се селектирани 12 филмови од различни кинематограферски генерации, и дека во 14 програми ќе се прикажат над 95 долгометражни, документарни и кратки филмови.

    Во чест на италијанската и светска актерка, филмската дива Клаудија Кардинале, која е лауреат на специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, на вториот фестивалски ден ќе се прикаже нејзиниот нов филм „Благословени лаги“.

    Фестивалот ќе заврши на 29 септември, со проекциите на краткиот „Скаут“ на Алекс Цветков и на „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари