МАНЧЕВСКИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ДОСТИГНУВАЊЕ ВО СВЕТСКИОТ ФИЛМ ВО ИТАЛИЈА И ПОЧЕСТ СО СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА ЗА 25 ГОДИНИ „ПРАШИНА“, ПРЕМИЕРА НА „БИКИНИ МУН“ И НОВА КНИГА

    МАНЧЕВСКИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ДОСТИГНУВАЊЕ ВО СВЕТСКИОТ ФИЛМ ВО ИТАЛИЈА И ПОЧЕСТ СО СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА ЗА 25 ГОДИНИ „ПРАШИНА“, ПРЕМИЕРА НА „БИКИНИ МУН“ И НОВА КНИГАМилчо Манчевски ја доби престижаната награда „Пезаро Нова кинематографија 62 за достигнувања во светската кинематографија“, на Филмскиот фестивал во Пезаро каде е почесен гостин. (Фото: ИФФП)

    Режисерот Милчо Манчевски ја доби престижаната награда „Пезаро Нова кинематографија 62 за достигнувања во светската кинематографија“, на Филмскиот фестивал во Пезаро, Италија. Фестивалот му оддава специјална почест на Манчевски со одбележување 25 години од неговиот филм „Прашина“, а ќе има и италијанска премиера на „Бикини Мун“ и промоција на нова книга за неговото творештво. Покрај филмските проекции, авторот ќе одржи и мастерклас посветен на неговиот креативен процес и на современиот авторски филм.

    „Филмот е уметност на вајање на времето, а никој не го прави тоа како Милчо Манчевски“, ја најави фестивалот во Пезаро програмата посветена на Манчевски што ќе се одвива од 17-19 јуни.

    На 62. издание на фестивалот, кој е втор најстар во Италија и еден од најпрестижните во Европа, централно место во омажот на Манчевски има проекцијата на реставрирана копија во 4К на филмот „Прашина“, по повод 25 години од светската премиера. Филмот, кој го отвори Венецискиот филмски фестивал во 2001 година, се смета за едно од најзначајните дела во современата европска кинематографија, а кога се појави предизвика жестоки дебати поради совпаѓањето со војната во Македонија во 2001. Со оваа проекција , Пезаро ја одбележува трајната вредност и влијание на авторскиот опус на Манчевски. Дигиталната реставрација на 4К ја организира и ја финансираше „Аугустус колор“ од Рим, без учество на македонските институции.

    Централно место во омажот на Манчевски има проекцијата на реставрирана копија во 4К на филмот „Прашина“, по повод 25 години од светската премиера. (Фото: ИФФП)

    Во Пезаро ќе има и италијанската премиера на филмот „Бикини Мун“, неговото наградувано дело од 2017 снимено во Њујорк, филм што ги истражува границите меѓу фантазијата и документарното. Фестивалот истакнува дека токму оваа жанровска слобода е една од препознатливите карактеристики на режисерскиот стил на Манчевски.

    Во каталогот на фестивалот, меѓу другото се вели: „Еден од најзначајните претставници на филмот сфатен, во тарковскиевска смисла, како уметност на обликување на времето, Милчо Манчевски низ својот филмски опус создаде визуелна граматика што ја спојува историјата и културата на неговата татковина, Македонија, со космополитски сензибилитет произлезен од повторуваното, но никогаш конечното искуство на живот во странство. Неговите филмови се проникнати со префинет хуманистички дух во кој емпатијата и чувството за гротескното одат рака под рака. ‘Прашина’ претставува грандиозна медитација за времето и историјата, додека ‘Бикини Мун’ нуди размислување за нетелеолошката природа на самата филмска уметност – при што секој од овие филмови, на свој начин, создава жанр сам за себе. Тој содржи модернистички портрет на еден од најавтентичните ликови во американскиот независен филм на изминатата деценија. Распнато меѓу два континента и повеќе епохи, филмското творештво на Милчо Манчевски се нурнува во историјата и во приказните за неизбежно да создаде imago mundi – слика на светот – содржана во неразрешената напнатост на исчекувањето: пред дождот, пред љубовта, пред самиот филм, кое со своите конвенции и својата моќ се надвиснува над сè за да го преобрази“.

    „Прашина“ претставува грандиозна медитација за времето и историјата, вели фестивалот; – Од проекцијата на централнот плоштад во Пезаро. (Фото: ИФФП)

    Во Пезаро ќе биде претставена и новата книга на италијански „Манчевски: Белетристика и небелетристика“ (Manchevski: Fiction and Non-Fiction), која нуди сеопфатен увид во неговото филмско, фотографско и уметничко творештво. Книгата содржи критички есеи и анализи на Манчевски, дел од неговиот книжевен опус, биографија, анализа и повеќе интервјуа што тој ги дал за италијанскиот печат во последните 30 години. Предговорот за книгата го напиша долгогодишниот директор на Филмскиот фестивал во Венеција, легендарниот Алберто Барбера.

    Со овој омаж, фестивалот го потврдува значењето на Манчевски како еден од највлијателните автори, кои произлегле од Балканот и оставиле силен печат во светската кинематографија. Почеста во Пезаро претставува уште едно меѓународно признание за автор, чии филмови со децении ги поместуваат границите на филмскиот јазик.

    Филмскиот фестивал во Пезаро (13-20 јуни) е втор најстар и најугледен фестивал во Италија – по Венеција, а посветен е на авторскиот и иновативен филм. Основан во 1965, фестивалот со децении претставува значајна европска платформа за откривање нови филмски јазици и за афирмација на врвни светски автори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира