Режисерката Марија Апчевска-Петровска во скопско Пржино почна да го снима долгометражното деби „Пролетно чистење“. Филмот е по нејзино и сценарио на Ереник Бекири од Албанија, а играат дебитантките Јулиа Марковска-Фалзон и Зоја Николова, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија.
Апчевска-Петровска е авторка на краткиот „Северен пол“, кој во 2021 беше првиот македонски филм во конкуренција за Златна палма на Канскиот фестивал, а потоа играше на над 150 фестивали во светот и освои бројни награди.
„Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка која се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции“, велат од продукцијата „Кино око“ на Роберт Насков.
Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија се монтажерот Драган Вон Петровиќ и костимографката Лидија Андриќ, а дизајнерка на шминка и маска е Мојца Горогранц-Петрушевска од Словенија. Кирил Спасески е дизајнер на продукција, а Игор Поповски е дизајнер на звукот.
- ДЕБИТО НА АПЧЕВСКА „ПРОЛЕТНО ЧИСТЕЊЕ“ ПОДДРЖАНО СО 210.000 ЕВРА ОД ЕУРИМАЖ
- ДЕБИТАНТСКИТЕ ФИЛМОВИ НА АПЧЕВСКА, ОПАЧИЌ И АБДУЛИ ДОБИЈА ПОДДРШКА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ
Филмот е финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија со 260.000 евра на конкурсот за филмски проекти за 2022 во прв рок на одлучување, а во 2025 доби 210.000 евра од паневропскиот филмски фонд Еуримаж. Поддржан е и од филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ЕРТ– националната телевизија на Грција, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од СЕЕ Cинема Нетворк. Копродуценти на филмот се Антигони Рота од „Фос продакшнс“ од Грција, Боштјан Иковиќ од „Арсмедиа“ од Словенија и Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“ од Србија.



