МАЖЕНА СУМ ЗА ТЕАТАРОТ, А ФИЛМОВИТЕ СЕ МОИ ЉУБОВНИЦИ, РЕЧЕ АКТЕРКАТА МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „МАЈКА МАРА“ ВО СКОПЈЕ

    МАЖЕНА СУМ ЗА ТЕАТАРОТ, А ФИЛМОВИТЕ СЕ МОИ ЉУБОВНИЦИ, РЕЧЕ АКТЕРКАТА МИРЈАНА КАРАНОВИЌ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „МАЈКА МАРА“ ВО СКОПЈЕМирјана Карановиќ рече дека е горда што снимила ваков уметнички филм со помалку дијалози, кој се занимава со внатрешното чувство на жената. (Фото: М. Аргакијева)

    Прочуената српка актерка Мирјана Карановиќ, која го режираше својот втор филм „Мајка Мара“ во кој ја игра и главната улога, вели дека не сакала да се натпреварува со комерцијалните филмови на филмските фестивали. Таа на премиерата во Скопје на шега кажа дека е мажена за театарот, а филмовите се нејзини љубовници. Со нејзиниот филм вчера во Скопје почна зимското издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот регион со бесплатни проекции на реионални филмови.

    Карановиќ рече дека е горда што снимила ваков уметнички филм со помалку дијалози, кој се занимава со внатрешното чувство на жената. По проекцијата, на прашања од публиката одговараа актерот Вучиќ Перовиќ и кинематограферот Игор Маровиќ. Карановиќ е косценаристка на филмот заедно со Срѓан Кољевиќ и Маја Пељевиќ.

    „Долго се мачев со овој филм, не ми беше едноставно ни да ја направам приказната ни да се напише сценариото. Тоа е затоа што се занимавав со внатрешниот свет на една жена кој не е прецизно одреден со некое литературно дело. Сѐ тргна од една театарска претстава во која играв, во која ми се допадна енергијата на една жена која го загубила синот. Таа како личност е сосема различна од мене. Јас речиси никогаш во животот не сум потиснувала ништо, ниту сум криела од другите и од самата себе, но она што е и за мене некако слично тоа е како се чувствува една жена која ќе го вложи целиот свој живот во некаква цел, и потоа  го губи она што е врв на нејзиното животно вложување. Додека снимавме беше емотивно и тешко, очекувавме дека ќе биде убаво време, а беше студено, а сите беа по куси ракави“, рече Карановиќ.

    Актерите Мирјана Карановиќ и Вучиќ Перовиќ со кинематограферот Игор Маровиќ на премиерата во Скопје. (Фото: М. Аргакијева)

    „Филмот не може да се натпреварува со некои атрактивни филмови кои привлекуваат внимание кај публиката, но среќна сум што го снимив, зашто за мене беше важно скалило, исто како и за мојот трет филм кој го режирав, а штотуку го завршив“, додаде Карановиќ.

    Во приказната, таа почнува љубовна врска со младиот пријател на покојниот син кој го игра Вучиќ Перовиќ. Карановиќ рече дека уште кога почнала да ја пишува приказната, знаела дека Перовиќ ќе глуми во неа. Карановиќ вели дека мајката Мара која штотуку го загубила синот е личност која мисли дека е срамота јавно да плаче и да ги покажува емоциите.

    „Последната снимачка сцена ја имавме во 2022. Сега кога ќе размислам, Мира и јас се слушавме и за време на првата, втората, третата и четвртата рака на сценариото. Јас сум нејзин војник и заедно ги препознавме квалитетите кон работата. Јас ја давам својата личност во служба на оној човек кој го играм. И тогаш, кога ќе ме прашаат за некои нешта како: ‘Како ги снимивте секс сцените’,  јас веќе не знам како да одговарам на тие прашања. Јас не сум таму приватно, јас го користам своето тело, а не својата интимна желба преку платното да направам нешто што сакам приватно. Мислам дека тие работи луѓето треба да почнат да ги разграничуваат, и мислам дека публиката која доаѓа да ги гледа овие филмови нема проблеми со тие работи. Публиката која не ги гледа овие филмови ги поставува тие прашања“, рече Перовиќ.

    Карановиќ со насмевка рече дека на филмските фестивали почнала да се поклонува како режисерка, а тоа е сосема различно од актерското поклонување.

    „Јас сум мажена за театарот, а филмовите се моите љубовници, моите вонбрачни врски. На театарската сцена се случуваат многу нешта, филмот треба да го снимиш, да отидеш на некој фестивал и тука завршува“, додаде актерката која на крајот се поклони подлабоко.

    Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион трае до 5 февруари во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија. Бесплатно во кината и онлајн ќе играат наградувани регионални филмови.

    На програмата се и „Ријека или смрт“ (Fiume o morte!)“ на Игор Безиновиќ кој викендот ја освои наградата за Најдобар европски документарец, „Семејна терапија“ од Соња Просенц,  „По летото“ на Данис Тановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.

    Бесплатните проекции се во Скопје, Белград, Сараево, Загреб, Љубљана и Херцег Нови, а сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.

    Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион, а се реализира како заеднички проект на регионалните филмски фестивали во Белград, Сараево, Љубљана, Загреб, Херцег Нови и битолскиот „Браќа Манаки“.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира