МЕЛ БРУКС НАПОЛНИ 100 ГОДИНИ, ПОВЕЌЕ ОД ШЕСТ ДЕЦЕНИИ ЈА СМЕЕ ПУБЛИКАТА

    МЕЛ БРУКС НАПОЛНИ 100 ГОДИНИ, ПОВЕЌЕ ОД ШЕСТ ДЕЦЕНИИ ЈА СМЕЕ ПУБЛИКАТАБрукс е добитник на Еми, Греми, Оскар и Тони наградите (Фото: АП)

    Мел Брукс своевремено кажа дека комедијата е спротивност на смртта. Легендарниот актер, режисер, комичар и продуцент ја смее публиката повеќе од шест децении и денеска наполни 100 години.

    Роден како Мелвин Камински во еврејско семејство во 1926 во Њујорк, Брукс имал само две години кога починал татко му. Кариерата ја почнал како забавувач во хотели, но со почетокот на Втората светска војна се придружил на војската и бил ангажиран на различни задачи.

    Во комедијата прво се пробил како сценарист на шоуто на Сид Сизар, по што почнал да изведува и свои скечеви. Во 1961 година се појавил како гостин во првата епизода на „Вечерното шоу“ на легендарниот Џони Карсон.

    Брукс во „Вселенски топки“

    Истата година ја запознал љубовта на својот живот, актерката Ен Бенкрофт, со која се венчал во 1964 и останаа заедно до нејзината смрт во 2005.

    По успесите на телевизијата, Брукс почнал да пишува и режира комедии, станувајќи едно од најзначајните имиња во овој жанр благодарение на филмовите „Вжештени седла“, „Младиот Франкенштајн“, „Нем филм“, „Историјата на светот, прв дел“, „Вселенски топки“ и „Робин Худ: мажи во хеланки“.

    Секако, неговото најпознато дело е пародичната комедија „Продуценти“ од 1968, за која освои Оскар за најдобро сценарио. Филмот подоцна го претвори во бродвејски мјузикл, кој доби рекордни 12 награди Тони во 2001.

    Брукс со синот Макс и внукот Хенри (Фото: ФилмМеџик)

    Како добитник на Еми, Греми, Оскар и Тони, Брукс е еден од ретките уметници со статусот ЕГОТ, а во 2024 прими и почесен Оскар.

    И покрај возраста, Брукс продолжува да биде активен во шоу-бизнисот, појавувајќи се на телевизија и позајмувајќи го својот глас за анимирани филмови. За следната година е најавена премирата на вториот дел на „Вселенски топки“, во кој ќе ја повтори улогата на претседателот Скруб.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира