МЕСТОТО НА ДРАМИТЕ ИМ Е НА СЦЕНАТА, НЕ НА УЛИЦИТЕ, ВЕЛИ АКТЕРКАТА ТЕУТА АЈДИНИ-ЈЕГЕНИ ВО ПОРАКАТА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

    МЕСТОТО НА ДРАМИТЕ ИМ Е НА СЦЕНАТА, НЕ НА УЛИЦИТЕ, ВЕЛИ АКТЕРКАТА ТЕУТА АЈДИНИ-ЈЕГЕНИ ВО ПОРАКАТА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ„Јас не можам мирно и ладнокрвно да речам 'Знаете, театарот за мене е…' тоа и тоа… Не можам, затоа што тоа прашање за мене е исто како да ме прашате 'што е за тебе животот'?“, вели глумицата. (Фото: Македонски центар на ИТИ)

    Да ги оставиме драмите да се играат на театарските штици, во костими, со сценографија, кореографија, под рефлекторите на сцена, со музика, вели Теута Ајдини-Јегени, авторка на националната порака од Македонија за Светскиот ден на театарот 27 Март. Ајдини-Јегени е првенка на Албанскиот театар, игра и во Националниот театар во Косово и во независни продукции, а зад себе има и десетина играни филмови и телевизиски филмови и серии.

    „Нека се смее таа публика, нека се замисли и загрижи, па и нека заплаче… но нека заплаче за судбините на Антигона и Офелија, за оние трагични ликови, кои ние актерите и другите театарски дејци им ги пренесуваме на сцена, од делата на драмските уметници… Да ги отстраниме драмите од нашето секојдневие, од улиците, градовите, селата, каде што поради болните амбиции на некои ликови со моќ и диктаторски амбиции; терористи, екстремисти и манипулатори со верските и етничкитете чувства, страдаат нечии деца, браќа и сестри, родители, љубени, блиски, соседи, сограѓани, сонародници… луѓе од крв и месо. Драмите, трагедиите, не треба да се одвиваат на ниедно друго место, освен на театарската сцена. Затоа, кажете им не! На тие што прават светот да крвари; бидејќи секое наше противење се брои. Да ги отстраниме драмите од нашето секојдневие, од улиците, градовите, селата“, вели меѓудругото актерката, која е авторка на пораката по покана од Македонскиот центар на Интернационален театарски институт.

    Египетската актерка Самиха Ајуб е авторка на меѓунарордна порака за Светскиот ден на театарот, во која вели дека нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓусебе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе одалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи, вели таа, драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас.

    „И покрај тоа што сме изложени на совремниот начин на размена на вести и пренос на информации и комуникации кои ги кршат сите географски бариери, напротив светот сведочи конфликт кои ги надминува границите на логичката перцепција и креира, одразува очигледно зближување. Сепак фундаменталното разидување не дистанцира сите нас од есенцијалното во хуманоста – од едноставната суштинска форма. Нашата мисија е, нам драматичарите, носителите на факелот на светлината, од првата појава на првиот актер на сцената, да бидеме фронтално конфронтирани кон се’ што е грдо, крваво, и нечовечно. Се конфронтираме со се’ што е убаво, чисто и хумано. Ние и никој друг, ја имаме способноста да го афирмираме животот. Затоа да го шириме животот заедно за доброто на светот и човечноста“, вели Ајуб.

    Денеска сите претстави кои се играат во светот почнуваат со читање на националната и меѓународната порака за Светскиот ден на театарот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира