Режисерот Милчо Манчевски ѝ подари филмови од приватната збирка на Кинотеката на Северна Македонија. Најнаградуваниот македонски режисер кој со децении живее и предава во Њујорк, во Скопје ги донесе филмовите на 35мм лента и во ДЦП формат и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на Кинотеката.
„Меѓу филмовите се наоѓаат и 35мм копии на сите играни филмови на Манчевски, а истите ќе бидат прикажани во текот на ноември во киносалата на Кинотеката. На 2 ноември ќе има проекција на копијата од ’Бикини Мун’ (2017), на 3 ноември проекција на ’Мајки’ (2010), на 12 ноември ќе може да се погледне ’Сенки’ (2007), а на 15 ноември ’Прашина’(2001)“, најави Кинотеката.
Оттаму додаваат дека филмовите на Манчевски ќе се прикажуваат и по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство 27 октомври. Мотото на годинешното одбележување е „Вклучи го минатото преку слика и тон“.
„Оттаму и филмовите на Манчевски ќе бидат прикажани во чест на аудиовизуелното наследство, бидејќи со самото нивно депонирање во Кинотеката на РСМ, нивното значење за македонската кинематографија и успех во светот, за нашата култура и народ претставуваат аудиовизулно наследство“, вели Кинотеката.
Од Кинотеката додаваат дека по повод 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, „Вардар филм“ во Кинотеката ќе го промовира проектот „Тајните архиви на Скопје“ со проекција на филмски колаж од стари снимки од домашните архиви на жителите на овој град. Проектот има за цел да ги зачува и афирмира материјалното, духовното и културното наследство на град Скопје преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 мм и супер 8 мм) снимени од граѓани во форма на аматерски материјал.
„Бидејќи денес 8-милиметарските проектори се музејски ескпонати и ретко кој умее да направи проекција на филмска лента со соодветен проектор за нејзиниот формат, овие снимки од дамнешното минато, историски, а сепак интимни и семејни, неповратно ќе исчезнат, ќе се заборават. Затоа треба да се дигитализираат, да се преснимаат и конвертираат во дигитален формат, за да останат достапни за новите генерации и новите технологии. Дигитализацијата на филмовите што ќе се прикажат е извршена во Кинотеката. Процесот на реализација на овој проект започна по пат на јавен повик, по што пристигнатите 8 и 8мм ленти беа дигитализирани, па со монтажа на слика и звук е изработен колаж од снимки кои ќе бидат прикажани на 13 ноемери, во 18 часот“, објави Кинотеката.
Проектот го реализираа Катерина Габунија, како проект-координатор, Александар Трајковски – дигитална обработка, Сашко Потер Мицевски е тон-мајстор и Дарко Ристевски е наратор.
Б. НЕСТОРОСКА