МИМИ ВО ГРАДОВИТЕ

(Кон „Мими“ на Даријан Пејовски, играат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов)

    МИМИ ВО ГРАДОВИТЕ

    Две актерки, Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, се носечката сила на „Мими“, вториот филм на Даријан Пејовски, што дојде 7 години по дебито „Три дена во септември“. Теодосиева ја игра Мими, Ристоска е Сара во приказната за опсесивно пријателство родено од траума.

    Траумата е неуспешната бременост на Мими, поради што таа ќе дојде од малото родно место во главниот град, каде живее раскината меѓу потребата за осамување и за љубов. Сара, пак, млада мајка со бебе и агресивен сопруг (Оливер Митковски) кого не го сака баш, е ужасната од зачмаеноста на брачниот живот и одговорноста за детето. Во нивното пријателство Мими е таа што зема, а Сара е таа што мисли дека дава. Со таква фино дозирана енергија играат и двете актерки – колку што е Теодосиева воздржана и таинствена толку Ристоска е еуфорична и фуриозна, и со нивната размена од таа нездрава врска како да креираат посебен лик во филмот. Со својата игра тие извадиле максимум од она што им го дало сценариото на Пејовски така како што е напишано.

    Најинтересен елемент во „Мими“ е убавиот дијалог, со многу природен, течен јазик. А сценариото, замислено како психолошки трилер, има сериозни мани. Приказната има потенцијал ама не е разработена, сосем е рамна и без фокус и нема доволно материјал за долгометражен филм – затоа се покрива со многу празен од. Па немаме јасна идеја за што, всушност, е овој филм? Пејовски го сака жанрот, но впечаток е дека поради тоа кокетирање запаѓа во истата жанровска замка како со „Три дена во септември“. „Мими“ можел да биде психолоши трилер во духот на раниот Полански, но го нема тој марифет за да се одржи тензија и морничавост.

    Всушност, многумина автори ја прават истата грешка, оти не сфаќаат дека жанровски филм сака голем марифет за да биде веродостоен. А пак кокетирање со жанр, како во „Мими“, воопшто не функционира ако не е силна и веродостојна приказната.

    „Мими“ има солидна продукциска вредност, со продукцискиот дизајн на уметникот Игор Тошевски кој креира набиени тескобни простори, камерата на Дејан Димески која како да ја демне Мими во големиот град, и музиката на Александар Пејовски што создава атмосфера на исчекување.

    Снимен во октомври-ноември 2020, во ек на ковид пандемијата, Мими“ е македонско-хрватскo-црногорска копродукција.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира