Претставата „Тие веќе ги нема“, според текстот на Дорунтина Баша, во режија на Андреј Носов, ја освои наградата за најдобра претстава на 20. јубилејно издание на Меѓународниот театарски фестивал Скупи. Во претставата игра актерката Мирјана Карановиќ, која го доби специјалното признание „Луран Ахмети“ за изведбата на ликот на Садика. Претставата е во продукција на „Хартефакт“ од Белград и САРТР од Сараево, а во актерската екипа, покрај Карановиќ, се и Светозар Цветковиќ и Албан Укај.
Фестивалот се одржа од 10 до 17 октомври во Албанскиот театар во Скопје, а се изведоа осум претстави од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и Србија, како и меѓународни копродукции со учество на партнери од други европски земји. За наградите одлучуваше тричленото жири, составено од: Мерита Чоќоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили.
Покрај главното фестивалско признание и наградата за Карановиќ, жирито додели и две специјални награди за актерски остварувања. Специјалната награда за актерски ансамбл им припадна на Шќелќим Ислами, Катерина Кистен, Като Калатозишвили, Марија Салома, Елен Јелинек и Јоханес Ванселов за нивните улоги во претставата „Непризнат“, од авторите Јетон Незирај и Давит Габунија, во режија на Дата Тавадзе. Станува збор за меѓународна копродукција во која учествуваат театарски институции и организации од Косово, Грузија, Шведска, Украина и Македонија, меѓу кои и Албанскиот театар од Скопје.
Специјалната награда за актерска игра му беше доделена на Бујар Ахмети за улогата на Лека во претставата „Гнасотија“, од авторот и режисер Астрит Кабаши, во продукција на Националниот театар на Косово од Приштина.



