Македонскиот народен театар (МНТ) на 14 октомври ќе ја почне новата сезона по паузата од осум месеци поради коронакризата, и на првата претстава се поканети медицинските лица.
„Ги каниме хероите на ова време – лекарите и медицинскиот персонал од Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Детската болница во Козле, епидемиолозите и матичните лекари“, најавува МНТ.
На 14 октомври во 20 часот ќе се изведе претставата „Говорна мана“ по текстот на Горан Марковиќ, во режија на Драгана Милошевски-Попова, а согласно протоколите за работа на културните институции, во салонот ќе може да седат од 160 до 180 лица.
„Сите институции се веќе известени и поканети и очекуваме списоци за да имаме увид колку ќе дојдат. Доколку има голем интерес, и втората претстава на 16 септември ќе биде бесплатна за нив“, ни рече директорката Симона Угриновска.
Во претставата играат: Игор Џамбазов, Сашка Димитровска, Ивица Димитријевиќ, Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.
Б. НЕСТОРОСКА