Македонскиот диригент со светска слава маестро Ванчо Чавдарски почина пред 15 години, на 8 декември во Бризбејн, Австралија, на 71 година. Неговото име го спомена деновиве македонскиот обоист со европска кариера, првата обоа на Македонската филхармонија Васил Атанасов, кој со е-пошта до медиумите сакаше да ги потсети институциите од музичката сфера дека заборавија на еден од столбовите на македонската современа музичка култура, и оти со никаков настан не ја одбележаа годишнината од неговата смрт, а ниту пак сиве овие години не се сетија на каков било начин да му оддаат почит на големиот маестро.
Маестро Ванчо Чавдарски ја славеше Македонија низ светот, согласни се неговите колеги, но сепак, уметничкиот директор на Македонската опера и балет, композиторот Сони Петровски ни рече дека тие се ново раководство, од оваа година, и во програмата не бил предвиден јубилеј за Чавдарски. Годинава од МОБ одбележаа јубилеи на диригентот Томислав Шопов и на оперскиот бас Георги Божиков. Чавдарски останува за некоја друга прилика.
Атанасов се сеќава како маестро Чавдарски во 1998 пропатувал илјада километри за да присуствува на концертот на македонскиот обоист во Сеул, и како на пријателската средба тие се договориле Атанасов да пренесе дека маестрото би дошол од Австралија следната година, за со концерт со Филхармонијата да го прослави својот 70. роденден и 40 години умтеничка кариера. Но, иако Атанасов ги пренел поздравите, вели до таков концерт не дошло, не знае од кои причини.
Уметничката кариера на Чавдарски тргнува во доцните триесетти години од беровско Владимирово, преку Скопје и Белград каде што се школува, а потоа и преку Германија и Америка, каде што специјализира диригирање. Во периодот 1960-1970 тој е диригент во Операта при МНТ, на чија сцена постави бројни оперски дела, а од 1965-1970 е директор на Македонска филхармонија. Од 1970 година со успех настапува во странство со постојани ангажмани во Австралија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Тасманија, а гостува и во САД, Венецуела, Италија, во Шпанија. Од 1982 тој е шеф диригент на Симфонискиот оркестар на РТВ Белград, а покасно работи во Англија, и повторно во Македонија, во Операта при МНТ. Во периодот од 1994-2001 Чавдарски е почесен професор на Јужнокорејскиот Конзерваториум во Сеул.
За својата диригентска уметност, маестро Чавдарски е наградуван во земјата и во странство, а се издвојува медалот “Жан Филип Рамо” на градот Дижон во Франција. Диригирал со врвни европски и светски оркестри, и на сите континенти, остварувајки врвни резултати.
Во текстови посветени на негова годишнина од раѓање, наоѓаме цитати од негово интервју каде што вели оти е како скитник кој нема постојано место на живеење, но дека Македонија му е вечно во душата. Случувањата во неговиот живот се одвиваа како на филмска лента, а теоретичарите го нарекуваа македонски Одисеј. Со него сакаа да настапуваат светски солисти, низ светските подиуми добиваше овации, аплаузи и над десет минути.