Еден од омилените творечки тандеми на скопската публика, драматургот Дејан Дуковски и режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) ја подзамислија публиката, поставувајќи еден куп прашања, со премиерата на претставата „Дух“. Изминатитве години, дуото Дуковски-Јаниќијевиќ ги постави „Дракула“ и „Силјан Штркот шанца“.

Гораст Цветковски го игра Александар Мара, кому му е нанесена неправда и почнува борба за своите права, борба сам против сите. – Со Сашко Коцев во „Дух“(Фото: М. Златевска)
Дуковски вели дека оваа драма е иницирана од „прилично усраната ситуација во која што се наоѓа главниот лик Александар Мара. На него му е нанесена неправда и тој почнува борба за своите права. Тргнува во ирационален поход против корумпираниот систем. Во борба сам против сите“.
Екипата прашува: Кој е Мара? Револуционер? Занесен поет? Среќен параноик? Мара херој или жртва? Спасител или убица? Мара добриот или Мара лошиот? Мара надеж или Мара смрт? Мара ловџија? Мара зајак пред фарови? Мара главен лик, јас, сфаќам дека е нешто гнило. Може ли да се убие дух кој оди?
Режисерот Јаниќијевиќ порачува дека ни треба револуција, дека видовме многу револуции, но денес имаме деволуција на свеста.
“Ако се смеевме на ’Крајот на историјата’ сега историјата на Крајот ни се кези во лице. Но сепак ’не можеш да убиеш Дух’. Дух на надеж, дух на револт кон неправдата и угнетеноста. Нашиот ’Дух’ говори за тој дух“, пишува режисерот во каталогот за претставата.

В.д. директорката на МНТ, Симона Угриновска со доајенката на македонскиот театар Милица Стојанова (Фото: М. Златевска)
Главниот лик, Александар Мара го игра Гораст Цветковски, кој пред крајот на, како што вели оваа крвава фарса, прашува: „И сега? И сега што да правам јас во овој квазифеудален свет? Да пишувам психодрама или да земам оружје во рака? Сите гинат на крај. Убаво е секогаш да се потсети на Шекспир. Треба стално да го цитираме Шекспир“.
Неговиот татко е Емил Рубен, мајка му е Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ е брат му, Тина Трпкоска е жена му, a Матеа Јанковска ја глуми неговата ќерка.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние со костимографката на „Дух“, дизајнерката Лидија Георгиева (Фото: М. Златевска)
Во кастингот се и Оливер Митковски, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски.
Уметникот Велимир Жерновски е автор на сценографијата, а дизајнерката и професорка Лидија Георгива на костимите. Музиката е на Надежда Рубин, Ивица Димитријевиќ и на Јаниќијевиќ.
Б. НЕСТОРОСКА

Глумецот Перо Арсовски со легендарниот италијански режисер Паоло Маџели, кој во МНТ го поставува Тургењев (Фото: М. Златевска)