Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје е избран да добие грант од Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа за 2024, преку Балканската мрежа на музеи (БМН). МСУ е единствен македонски проект кој е избран уште во првиот повик, на кој пристигнале 46 проекти.
Според раководителката на проектот Бојана Јанева, кустос во Одделот за едукација и музејско водење, најзначајно во реализацијата на овој проект е што МСУ – Скопје ќе добие стручна „Студија за пристапност“ од врвни советници во оваа област од земјава и регионот, обука на музејскиот кадар за начини на комуникација со различни ранливи групи, како и изработка на реплики на дела за лица со оштетен вид.
„Музејски куфер“ со тактилните реплики на ремек-дела од колекцијата на МСУ – Скопје ќе биде достапен и за лица кои имаат потешкотии да дојдат во музејот.
„Во обид да добиеме повеќе искуствено знаење за иновативни пристапи и технологии во областа на пристапноста на музејот, минатата година, нашиот музеј започна месечна музејска обиколка наречена ‘Тури на инклузивност’. Турите ги реализиравме заедно со различни граѓански организации со попречености, за да добиеме повратни информации за проблемите со пристапноста. Оваа повратна информација многу ни помогна да ги идентификуваме клучните точки како да ја подобриме работата на МСУ, што беше иницијална точка за развивање на проектот ‘МСУ ремек-дела за сите’“, вели Јанева.