Изложбата „Дефрагментација“, со дела од колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, ќе се отвори на 13 јуни во 20 часот. Ќе се изложат 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и МСУ. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, а ќе трае до 15 септември.
Од МСУ велат дека на оваа изложба, која што е и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20. век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.
Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5.291 дело, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.
„Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.
Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.
„После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Концептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици“, потенцираат кураторите.
Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата е реализирана со пари од Амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во земјава.
Б. НЕСТОРОСКА