НА 15 МАРТ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКА

    НА 15 МАРТ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА“ НА МИТЕВСКАЕкипата на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на црвениот килим за светската премиера на 69. Берлинале (Фото: СДК.МК)

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, првиот македонски филм кој беше во конкуренција за Златна мечка на Берлинскиот фестивал, премиерно ќе биде прикажан во Македонија на 15 март во кино Милениум во Скопје. Претпремиерата ќе биде на 14 март во киното Синеплекс.

    Филмот на Теона Стругар Митевска ја имаше светската премиера на 69. издание на Берлинале на 10 февруари. Освои две награди, на Екуменското жири и на Здружението на германските кина за авторски филм, паралелни награди на Берлинале, што ги доделуваат независни жирија.

    Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е инспириран од настанот што се случи на Водици во 2014 година, кога Борислава Васкова го фати крстот фрлен во реката Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да ѝ биде одземен. Во главната улога е Зорица Нушева.

    Екуменското жири, составено од меѓународните филмски организации на Протестантската и Католичката црква ИНТЕРФИЛМ и СИГНИС, го награди филмот со образложение: „За смелото портретирање на трансформацијата на обесправена млада жена во гласна бранителка на женските права. Кога Петрунија спонтано ќе се фрли и ќе го фати крстот што в река го фрла попот во црковниот ритуал за млади мажи, таа ги крши црковните и општествените традиции. Нејзиното првично одбивање да го врати крстот ја ослободува нејзината внатрешна сила во соочувањето со институционалните конвенции и го открива Бог во неа“.

    Филмот доби позитивен одглас од публиката и критиката на Берлинале, особено за главната актерка Зорица Нушева. Играат и Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.

    Картите за македонската премиера ќе чинат 150 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира